Вчера на Волстрит индексот S&P 500 достигна рекордно високо ниво, додека инвеститорите ги анализираат деловните резултати на компаниите и изјавите на претседателот Доналд Трамп, кој, меѓу другото, побара намалување на каматните стапки и цената на нафтата.
Dow Jones зајакна 0,92 отсто, на 44.565 поени, додека S&P 500 порасна за 0,53 отсто, на 6.118 поени, а индексот Nasdaq 0,22 отсто, на 20.053 поени.
Растот на овие индекси четврти ден по ред и новиот рекорден досег на S&P е благодарение на оптимизмот на инвеститорите, откако Трамп во своето обраќање пред учесниците на Светскиот економски форум во Давос рече дека ќе побара од ОПЕК да ги намалат цените на нафтата и централните банки да ги намалат каматните стапки.
Тој, исто така, ги предупреди деловните лидери дека ќе се соочат со американски тарифи за производите доколку сакаат да ги произведуваат надвор од САД.
И додека инвеститорите се претпазливи за изјавите на Трамп за тарифите, „ним им се допаѓа идејата за пониски каматни стапки, како и цените на нафтата“, рече Линдзи Бел, стратег во инвестициската фирма 248 Ventures.
„Генерално, пазарот е оптимист бидејќи слуша повеќе за политиките на Трамп. Ние само гледаме одраз на тој оптимизам на пазарот“, рече Бел.
Сепак, инвеститорите стравуваат дека тарифите би можеле да ги зголемат инфлаторните притисоци и да го забават темпото на намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка.
Се очекува дека ФЕД ќе ги задржи каматните стапки на нивното сегашно ниво на состанокот следната недела.
Претседателот на инвестицискиот советник на Чејс, Питер Туз, верува дека ФЕД ќе ги заснова своите одлуки за каматните стапки на економските податоци, а не на барањата на претседателот Трамп.
„Мислам дека ФЕД нема да посвети премногу внимание на тоа. Тие ги разгледуваат податоците и ќе донесат одлука врз основа на она што го гледаат“, рече Туз.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,23 отсто, на 8.565 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,74 отсто, на 21.411 поени, а париски CAC 0,70 отсто, на 7.892 поени.