Европскиот парламент неодамна усвои директива за заеднички правила за промовирање на поправка на стоки, што треба да им го олесни на потрошувачите поправка на апарати за домаќинство и други производи. Европската организација на потрошувачи (БЕУЦ) ја нарече таа одлука „победа за потрошувачите“. Што ако купите неисправен производ, а продавачот не сака да ја прифати жалбата?
„Новите правила ќе ги принудат производителите да произведуваат висококвалитетни производи што може да се поправат. Ова ќе значи затворање на поглавјето за производите што е невозможно да се поправат и кои пребрзо се расипуваат“, рече Моник Гојенс, генерален директор на БЕУЦ. Говорејќи за правото на поправка на производот, Гојенс нагласи дека кога производот ќе се расипе, потрошувачите ќе можат да изберат помеѓу поправка или замена, пишува Н1.
„Тоа ќе биде олеснување за нив бидејќи не може сите стоки да се поправат правилно ако штетата е преголема. Помислете на сосема нов паметен телефон кој се расипува по неколку дена поради фабрички дефект. Потрошувачите треба да имаат право на добро функционален производ за кој платиле“, рече таа. Оваа одлука всушност значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени со дополнителна едногодишна гаранција, односно сите производи кои имале дефект и биле поправени во нивниот гарантен рок ќе добијат продолжена гаранција. Ова е наменето да ги поттикне потрошувачите да ги поправат наместо да ги заменат неисправните производи со нови.