Нова инвестиција во ТИРЗ Штип која ќе донесе скоро две илјади работни места, и чие производство треба да стартува на крајот на годинава. Станува збор за американска инвестиција, а според првиот човек на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, кој истакнува дека во преговори се и со американско – тајванска компанија, но конкуренција ни се соседна Србија и Кина. 

– Очекувам дека за еден-два месеца ќе имаме добри вести и дека ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овојпат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места, истакнува директорот.

Тој посочи оти изминатава година во технолошко-индустриските развојни зони вложени се над 430 милиони евра и вработени над 2.000 работници. Надмината е и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, највисок резултат постигнат во 2021 година. Тој открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3.

– Особено ме радува што во изминативе две години се отворени над 3.500 нови работни места, а од 2017 година до денес бројката е + 10.000. Платите растат и прв пат во 2021 ги надминаа просечните во целата економија. Оваа година, иако податоците треба да се сумираат со завршните сметки, очекувам раст на нето платата од најмалку 15 отсто, а многу веројатно дека растот е и поголем – истакнува Деспотовски.

Директорот посочува дека енергетската криза е најголемиот предизвик со кој се соочуваат компаниите, и дополнува дека компаниите во зоните добро го амортизираат ударот од глобалните случувања. Укажува дека кај 70 проценти од компаниите има зголемен увоз во однос на истиот период лани, како и зголемување на бројот на работни места. Сепак, тој посочува дека се преземени мерки да можат и овие компании да постават фотонапонски централи и струјата да ја користат за сопствени потреби.

– Разработивме нова методологија за доделување државна помош, каде во преден план не е само интересот на инвеститорите, туку и повратот за државата односно општеството со која дополнително се прецизира делот поврзан со државната помош. Така ја добиваме довербата на инвеститорите и тоа јасно се покажа во изминативе две години. Впрочем, 2022 ќе остане одбележана и како година во која го постигнавме најголемиот договор за странска инвестиција во ТИРЗ воопшто. Со германската фармацевтска компанија Гересхајмер постигавме договор од над 130 милиони евра, и тоа само во една фаза – укажа Деспотовски.

Тој исто така посочи дека Агенцијата за странски инвестиции ќе се интегрира во Дирекцијата за ТИРЗ и ќе се креира една влезна точка за средните и големите компании, странски и домашни. Ова според него ќе создаде поголем простор за игра и обезбедување подобри услови и услуги за инвестициите.

Наскоро во зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што верувам дека сигурно ќе поттикне серија инвестиции од домашните компании. Од декември во владина процедура се и измени на Законот за индистриски и зелени зони, со кои бројот на компании корисници на зоните, во најголем дел домашни, ќе се зголеми значително. Целта е моделот и поддршката што до пред скоро беше ексклузивно право/привилегија на странските да ги ставиме на целосно располагање и на домашните компании. Со сите овие активности, очекувам дека првичната цел што си ја поставивме, а тоа е една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024 да ја постигнеме оваа година – дополни Деспотовски.

Според него, со германската „Гересхајмер“, земјава се стави на листата сериозни инвестициски дестинации, а со новиот проект оваа позиција се зајакнува.

– Само неколку месеци по промоцијата на концептот на високотехнолошка зона, добивме писмо за интерес од светски позната јапонска компанија во областа на електрониката. Предизвикот тука е голем, бидејќи ова е целосно нов концепт не само за нас, туку и за целиот регион. Целта е да донесеме компании кои ќе се фокусираат исклучиво на високи технологии кои носат високо платени работни места, особено за младите. Да им обезбедиме европски (глобални) услови овде дома за да не ги бараат надвор зад границите – укажува Деспотовски.