Дефицитот во Фондот за пензиско инвалидско осигурување во изминатите години постојано се зголемуваше, по што се наметнува прашањето за негова одржливост на долг рок.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, само во последните 10 години тој е зголемен за 150 проценти и изнесува повеќе од 19 милијарди денари. Мислењата на експертската јавност, но и од меѓународните финансиски институции за стабилизирање на Фондот беа различни, од тие за намалување на дефицитот преку зголемување на старосната граница за пензионирање, зголемување на стапката за пензиски придонеси или комбинирање на овие мерки. Но, сите се согласни дека, покрај некоја од ваквите мерки, треба да се избегне праксата за ад хок зголемување на пензиите, како и во истовреме да се работи на зголемување на економскиот раст и отворање нови и повеќеплатени работни места.
Од МТСП најавија реформи преку зголемување на придонесите за 0,5 отсто за стабилизирање на Фондот и намалување на дупката од 310 на 275 милиони евра годишно. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека реформите во пензискиот систем треба да овозможат праведна и стабилна исплата на пензиите и негова одржливост за 50 години од денеска. Нагласи дека со предложената реформа нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите.
– По 12 години правиме вистинска и темелна анализа на пензискиот систем, нешто што беше заборавено и беше постојано ставано под тепих. После една година излегуваме со оваа реформа што ќе ја спроведеме заедно со институциите во пензискиот систем. Имаме минимална корекција на придонесот од 0,5 проценти, втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во вториот столб од пензискиот систем, а тоа е денот и годината на раѓање. Сите оние кои се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб. Со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Исто така, ќе може сите оние кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб. Во моментов во таква ситуација се вработените во МВР и во МО, што ги става во поповолна положба. Но, најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние кои имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си добијат поповолни пензии, рече Царовска.
Додаде дека се зголемува и процентот на пресметка на пензии во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти.
– Ако по денешниот систем оние што се во двостолбен систем се пензионираат ќе добијат максимални 30 проценти од платата. Со новиот систем што го воведуваме ќе добијат 40 проценти од максималната плата, што значи поповолни пензии и стабилна исплата на пензии за идните пензионери. Пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно како што е законски регулирано со растот на трошоци на живот. Доколку во претходната година има раст од четири проценти на БДП имаме дополнително усогласување во истата година, рече Царовска.
ММФ, пак, неодамна излезе со став дека предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Но, како што посочуваат оттаму, со цел долгорочна одржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и зголемување на возраста за пензионирање.
Зголемувањето на старосната граница беше предлог и на Светската банка, но од Министерството за труд и социјална политика уште пред објавувањето на реформата, беа децидни дека тоа нема да биде една од мерките за заздравување на пензискиот систем.
Анета Трајковска од Стопанска комора на Македонија потсетува дека во својот последен извештај и токму Светската банка предупредува дека државниот пензиски фонд е доведен во опасност, а оти во прашање е доведена и одржливоста на Фондот и на среден рок и на долг рок.
-Проблемот го лоцираа во новокреираните работни места субвенционирани од Владата кои практично значат помали приходи во касата на Фондот. Дополнителен ризик што ќе притиска врз касата на Фондот е иселувањето на младите работоспособни луѓе, кои се важни за полнење на Фондот. Вкупната бројка на досега отселени од земјава е огромна, и се работи во најголем дел за младо работоспособно население, што предизвикува односот „вработен – пензионер“ да станува сè помал, а самото тоа ја загрозува тековната одржливост на Фондот, вели таа.
Структурата на проблемот со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според неа, започнува уште пред скоро три децении, бидејќи од 1991-1998 година земјава има најголем пад на вработувањето. Заклучно со 1998 година, скоро 35 осто од населението било невработено, а дијагонално спротивно на тоа бројот на пензионери пораснал за 69 отсто.
-Бизмерковиот модел може и е применлив да функционира така што најмалку или минимум тројца вработени да издржуваат еден пензионер, но во 1991 година тројца вработени издржувале еден пензионер, а сега односот е околу 1,6 вработени издржуваат еден пензионер, вели Трајковска.
Истовремено, од 2000 година наваму има побрз раст на расходите за пензии од изворните приходи на Фондот на ПИОМ, што го зголемија дефицитот во Фондот. Порастот на дефицитот во Фондот на ПИОМ е пред се е резултат на два клучни фактора, воведувањето на вториот столб во 2006 година и преносот на средства од првиот кон вториот столб и втор повеќе значаен фактор, кој има сериозно влијание започнувајќи од 2008 година, е неусогласениот тренд на зголемување на пензиите, во повеќе наврати, кој е најчесто над износот предвиден за усогласување и над стапката на пораст на домашната економија.
-До 2008 година, економијата, во просек, растела за 3,1 проценти, а пензиите за 2,9 проценти, додека по 2008 година, економијата растела, во просек 2,4 отсто, додека пензиите речиси тројно повеќе или за 6,5 отсто. Дополнително, помалиот пораст на приходите во Фондот за ПИОМ, главно, беше движен и од намалувањето на стапката на социјалните придонеси од 21,2 отсто на 19 отсто во 2009 година и на 18 отсто во 2010 година, вели таа.
Трајковска смета дека реформата треба да опфати промена на уредувањето на методологијата за пресметка на обврските по основ на плаќање на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување во функција на солидарната, но и во функција на пазарната компонента, а сето тоа во насока на креирање на уредувањето на соодносот меѓу највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија што може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот паѕ-ас-ѕоу-го) и тоа или преку намалување на максималниот износ на кој се плаќаат придонеси, или преку зголемување на највисокиот износ на пензија што може да биде исплатена од државниот фонд,
Потоа таа потенцира и дека за решавање на дефицитот во Фондот за ПИОМ решението треба да се бара и во запирање на постојаното зголемување на пензиските издатоци и нивно сведување најмногу на растот на економијата, запазувајќи го моментот на зголемување на конкурентноста на македонската економија, која ќе овозможи раст на вработеноста, платите и животниот стандард, а со тоа и пораст на приходите на Фондот.
-Потоа, она што е особено битно за реалниот сектор е да се користат комбинираните реформи на пензискиот систем, бидејќи даваат подобри резултати и главно поради фактот што тие го распоредуваат товарот од пензиската реформа на сите засегнати страни, смета Трајковска.
Пензиската реформа, додава, треба да биде комбинирана со цел товарот да се подели помеѓу моменталните генерации, помеѓу засегнатите страни, додека пак имплементацијата да биде постепена и скалеста за да не ја загрози и онака кревката економија.