Во заедничките напори да поттикнат одржливи деловни практики, ПроКредит Банка во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) потпиша нова Кредитна линија зa финансирање во зелена енергија (ГФФ Македонија) прилагодена за малите и средни претпријатија.
Се работи за кредитна линија од 3.5 милиони евра наменети за финансирање на бизнис инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Кредитната линија е наменета за приватните компании, како и трговците поединци, кои сакаат да ја зголемат конкурентноста на својот бизнис преку инвестирање во т.н. “зелена” опрема која ќе им обезбеди долгорочна ефикасност и ќе им помогне во намалување на трошоците.
Заложбата на ПроКредит Банка е токму зајакнувањето на овие компании чија визија е одржливо работење. Преку оваа кредитна линија, компаниите сега имаат пристап до финансиските ресурси неопходни за реализација на нивните одржливи решенија преку стимулација со поврат на средства до 5% за инвестициите за енергетска ефикасност и до 10% за инвестиции за обновливи извори на енергија, или пак за инвестиции кои се комбинација од истите.
„Во рамки на оваа иницијатива се нуди сеопфатен пакет на техничка помош и услуги. Од помош при разбирање на сложеноста на зелените технологии до имплементирање на одржливи решенија, бизнисите имаат можност да ја добијат поддршката што им е потребна за да напредуваат во својот одржлив развој.
Со овие услови сигурни сме дека не само што ја поттикнуваме финансиската одржливост, туку и ја нагласуваме важноста од колективните напори кон позелена, поодржлива иднина“- изјави Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка.
“Со GFF кредитната линија, ги охрабруваме претпријатијата преку деловните банки да вложуваат во енергетски ефикасни технологии и обновливи извори на енергија, да инвестираат во соларни панели, системи за греење и ладење со ниска потрошувачка на енергија, и други иновации кои можат значително да ги намалат оперативните трошоци и да го подобрат еколошкиот отпечаток на бизнисите врз животната средина.
Оваа иницијатива има за цел да го поддржи одржливиот економски развој и да ја намали зависноста од традиционалните извори на енергија, истовремено зголемувајќи ја конкурентноста на локалните претпријатија и нивната еколошка свест што ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови и загадување на воздухот во земјата.” – велат од тимот на ГФФ Македонија.
Веќе 20 години ПроКредит Банка работи водена од визијата за одговорно банкарство, позиционирајќи се како пример за одговорност со одржливи банкарски практики и посветеност кон животната средина. Препознатлива е на пазарот за финансирање на т.н. “зелени кредити”, кои сочинуваат 20% од нејзиното кредитно портфолио. Овој процент на зелени кредити ја издвојува како лидер во банкарскиот сектор, поттикнувајќи култура на иновации и финансирање проекти со позитивно влијание врз околината.
Програмата Green Finance Facility (GFF Macedonia) се спроведува преку ЕБОР, а е финансирана од Владата на Република Северна Македонија и Joint SDG Fund, преку Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).
Сите информации и поволности за Кредитната линија за финансирање во зелена енергија на ПроКредит Банка се достапни тука.