Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) го презентираше проектот за новата економска платформа за Кинеските инвеститори кои планираат влез на европскиот пазар преку која ќе се зајакне трговијата и соработката меѓу бизнисите од Македонија и НР Кина. На овој самит присуствуваа над 1000 делегати од НР Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) во рамки на Економскиот форум на 7. Самит на шефовите на Влади на Кина и 16. земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ).
„Нашата земја е добро стратешки геопозиционирана, што претставува одлична можност за избор на Македонија за отворање на еден од центрите за транзит и дистрибуција на производите од НР Кина кон регионалниот но и кон западно европските пазари. Воспоставување на платформата за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од Македонија и НР Кина, ќе значи можност за зголемување на трговијата и заеднички вложувања на нашиот пазар”, изјави Данела Арсовска и додаде дека над 20.000 компании од Македонија ќе имаат бенефит од приклучување кон платформата. Со активностите на Сојузот за зголемување на бизнис соработката со НР Кина, со посебен акцент на промовирање на кинескиот мега проект „Еден појас, еден пат” за инфраструктурно и економско поврзување на Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток, дава силен мотив за успешна реализација на проектот.
Потпретседателите Габриела Кулебанова и Александар Милошевски, како и претседателот на градежната комора Ивица Јаќимовски остварија директни значајни средби во рамки на Самитот со платформата која се очекува да поврзе над 20.000 македонски компании со кинески инвеститори.