Централната банка на Венецуела вчера го објави новиот курс на валутата, според кој боливарот загубил дури 96 проценти од својата вредност во однос на доларот во рок од само еден ден.
Во обид да се справи со повеќегодишната криза, банката на Венецуела избриша пет нули од валутата и го постави курсот на 2,48 боливари за еден долар, но преку ноќ новата валута, наречена „суверен боливар“, падна на 68,65 за долар. Кон состојбата придонесоа и ограничувањата на повлекувањето пари од банките, при што секој граѓанин може да подигне само 10 од новите боливари.
Во обид да се справи со кризата која произлезе од социјалистичките реформи на поранешниот претседател Хуго Чавез, Венецуела воедно најави дека „суверениот боливар“ ќе биде поврзан со нова крипто валута наречена петро, чија вредност, пак, ќе зависи од нафтените резерви на Венецуела.
Петрото се нуди по номинална вредност од 60 долари за еден петро, но САД забранија тргување со оваа крипто валута, а се уште е нејасно како таа ќе биде прифатена на светскиот пазар.