Нов закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или „стечајци“ кој треба да овозможи право на надомест од државата да остварат уште околу 1.600 стечајни работници, разгледуваше денеска собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Овие граѓани аплицирале за остварување на правото по основ на законите кои за таа намена беа преходно донесени, но, не го добиле, бидејќи иако ги исполнувале сите други услови, не го исполнувале условот при приватизацијата на претпријатието од кое тие произлегле тоа да не го променило матичниот број.
Со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во периодот од 1 јануари 1993 до 30 јуни 2019 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата. Материјално ќе се обезбедат лицата кои со претходните законски решенија имале возраст помалку од 52 години за жена, односно 55 години за маж, како и лица на кои им престанал работниот однос во периодот од 1 јануари 1993 година до 30 јуни 2019 година.
– Законските решенија предвидуваа, лицето да не е вработено, работниот однос да му престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во претпријатие со доминантна сопственост на државата, под услов истиот да бил заснован додека претпријатието било со доминантна сопственост и при приватизацијата да не дошло до промена на единствениот матичен број на субјектот (ЕМБС). Покрај тоа, се предвидуваше, по престанокот на работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, невработеното лице да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995 година. Анализата за имплементација на законите, покажа дека голем број на невработени лица ги исполнуваат сите услови, освен условот за непроменет матичен број на субјектот (ЕМБС) по приватизацијата, иако претпријатието со променет матичен број произлегло од претпријатието кое било во доминантна државна сопственост, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.
Кај одделен број невработени лица, додаде тој, датумот на престанокот е пред 1 јануари 1995 година и после 31 декември 2018 година и од тие причини не го оствариле правото на паричен надоместок по престанок на работниот однос.
-Со цел да се обезбеди еднаквост на граѓаните при остварување на правата и истите материјално да се обезбедат, се наметна потребата од донесување на законот. Со предвидените променети услови, а согласно со анализата на поднесените барања до Агенцијата за вработување со новиот закон, право на материјално обезбедување би оствариле најмалку 1.000 невработени, појасни тој.
Членовите на Комисијата се согласни дека ваков закон е потребен, со цел да се реши проблемот на преостанатите граѓани кои не го оствариле правото на надомест согласно со преходните законски решенија. Весна Пемовска од ВМРО-ДПМНЕ побара да се размисли за продолжување на рокот за аплицирање кој со предлогот изнесува 30 дена, со цел, како што рече, сите да можат да достават барања.
Заменик-министерот Бајрактар истакна дека со претходните две законски решенија право на надомест оствариле околу 10.000 граѓани. Со претходниот закон пак, донесен во време на поранешната власт такво право оствариле 4.700 граѓани.
Овие бројки, рече Жаклина Лазаревска од СДСМ, покажуваат дека оваа власт потемелно се зафати да го решава проблемот на оваа категорија граѓани.
Пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ побара Владата да побара и да најде решение и за оние граѓани кои не можат да го остварат ова право бидејќи иако работеле во овие претпријатија, не им биле плаќани придонеси. На ова реплицираше Лазаревска, која истакна дека тие случаи треба да се гледаат пооделно по градови и така и да се решаваат.