Од 10 ноември ќе има зголемени проверки при влез и излез, како и биометриско скенирање, а од 1 јануари започнува и примената на ЕТИАС за влез во Европската Унија за граѓаните од земјите со безвизен режим, вклучително и од Македонија.

Системот ЕТИАС ќе собира и проверува податоци за патниците кои патуваат со цел да се детектираат потенцијални безбедносни ризици, а ќе треба да се аплицира онлајн, барем месец дена пред патувањето. Граѓаните ќе плаќаат такса од 7 евра, а ќе биде бесплатно за луѓето под 18 години и над 70 години, а одобението ќе важи три години или до истекот на пасошот.

Иако се предвидува за обработка на податоци да се чека од неколку минути до четири дена, постои можност системот да детектира дополнителни проверки и да бидат побарани повеќе информации од патниците, дури и да бидат поканети на разговор во Амбасада за земјата за која сакаат да патуваат.

Со важечки ЕТИАС може да влезете на територијата на европските држави колку често сакате за краткотраен престој, до 90 дена на секои 180 дена. Сепак, ЕТИАС не гарантира влез. Граничниот службеник и натаму ќе бара пасош и други документи кои потврдуваат дека ги исполнувате условите за влез.

Формуларот ЕТИАС нема да мора да го пополнуваат лица што имаат валидна виза или дозвола за престој во земја на ЕУ. Образецот исто така не го пополнуваат лица што живеат покрај граница и поседуваат гранични пропусници.

Според правилата на самите гранични премини, потребна е биометриска проверка на патникот, односно отпечатоци од прсти или фотографија на самиот, но доколку поседувате биометриски пасош, тогаш влезот е поедноставен и побрз. Граѓаните кои имаат биометриски пасоши не треба да одат на пасошка контрола преку службеник доколку електронската проверка не покаже никаква пречка.

Безвизниот режим на патување во земјите членки на ЕУ за Македонија беше воведен во 2009 година, што беше и една од најголемите придобивки на евроинтегациите, и оддаваше впечаток кај граѓаните дека се доближуваат поблиску до европското семејство иако Македонија со години е пред портите на Брисел поради разни блокади.