Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на РМ М-р Нора Алити со тимот денеска пред Македонската банкарска Асоцијација го презентираа новиот хибриден инструмент на пазарот за хартии од вредност- Перпетуалната обврзница. Целта беше потенцијалните издавачи да се запознаат со можноста за користење на овој инструмент како начин за зголемување на својот додатен основен капитал која е прифатена на пазарите на капитал во развиените држави, пред сѐ од страна на институционалните инвеститори.
Во оваа прилика, Претседателот на КХВ М-р Нора Алити рече: ,,Финансискиот инструмент кој Комисијата го призна како хартија од вредност е препознаен во легислативата од доменот на банкарството и во моментов во Република Македонија може да биде издаден само од банка. Во поглед на инвеститорите во овој инструмент, и покрај тоа што не постојат законски ограничувања во смисла на тоа кој може да се јави како купувач на финансискиот инструмент, очекуваме истиот да биде во фокусот на интерес на институционалните инвеститори,,.
Комисијата за хартии од вредност на РМ како регулатор ја иницираше оваа средба, бидејќи оцени дека би било добро на заедничка средба со Mакедонската Банкарска Асоцијација да се разговара за евентуалните прашања и дилеми што ги имаат во врска со издавањето на овој нов вид на финансиски инструмент на пазарот во Република Македонија.