На 21-ви ноември стапуваат на сила новите правила на Европската управа за хартии од вредност и пазари (ESMA) за вложувањата на фондовите кои се дефинираат како „зелени“, „одржливи“ или „еколошки“. Од следниот месец нема да можат да инвестираат во проекти поврзани со гас, нафта или јаглен, пишува „Reuters“.
Агенцијата ги наведе податоците од „Clarity AI“ според кои 55 отсто од инвестициските фондови кои спаѓаат во опсегот на новите правила имаат најмалку една инвестиција што ги прекршува новите правила. Аналитичарите стравуваат дека ќе ги попречат напорите за декарбонизација, вклучително и за енергетските компании кои сакаат да инвестираат во зелени проекти за намалување на емисиите.
Инвестициските банкари, цитирани од „Reuters“, коментираат дека новите правила би можеле да имаат негативно влијание врз пазарот на зелени обврзници и дека тие ги прекршуваат другите регулативи на ЕУ.
„Нашата главна грижа не е толку влијанието врз одредена компанија или фонд, туку сигналот до издавачите на зелени обврзници и инвеститорите дека регулаторите би можеле да го нарушат пазарот со нови правила“, рече Агнес Гурк, шеф на одржливи пазари на капитал во „BNP Paribas“.
Компаниите од енергетскиот сектор се поврзани со околу 20% од издадените зелени обврзници, чија вредност надминува 70 милијарди долари годишно. Нивното исклучување од листата на фондови кои се дефинираат како „зелени“ значи зголемување на трошоците за прибирање капитал, отфрлање проекти и одложување на енергетската транзиција.
„ЕСМА“ одби да ги коментира критиките, но призна дека разгледува конкретни прашања и проценува дали има потреба од насоки за тоа како да се применат новите правила за фондовите што ги применуваат инвестициските критериуми „ESG“ (еколошки, социјални и управување). Според пишувањата на медиумите од минатата недела, анализите се насочени конкретно на примената на правилата за зелените обврзници.
Поддржувачите на зелените обврзници веруваат дека тие навистина ги охрабруваат бизнисите да инвестираат во зелени шеми и проекти. Сепак, нивните критичари забележуваат дека многу малку придонесуваат за промена на деловните модели и намалување на загадувањето.