Владата на 19-ти месецов повторно ќе се задолжи преку нова најавена аукција на државни хартии од вредност од 4.100.000.000 денари, односно околу 67 милиони евра. Ова е едно од низата на задолжувања кои ги прави Владата и Министерството за финансии додека економијата тоне. Имено, експертската јавност континуирано предупредува за зголемувањето на јавниот долг кој достигна над 50 % од БДП што е алармантно додека со позајмените пари воопшто не се градат стратешки проекти кои се од долгорочен интерес на државата.
Дополнително, реализацијата на капиталните проекти изнесува очајни нешто над 30 % заклучно со месец септември што според економистите е катастрофална бројка токму поради фактот што задолжувањата се огромни додека капиталните инвестиции се на очајно ниво и се поставува прашањето на што се трошат позајмените пари.
Ова според експертите исто така има негативно влијание врз градежништвото кое е во континуиран пад а кое е тесно поврзано со растот на БДП бидејќи градежништвото е главен учесник во градењето на БДП. Со вакви економски параметри познавачите сметаат дека тешко ќе се исполни овогодинешната проекција за БДП.
Инаку, Владата пред да дојде на власт ветуваше дека задолжувањата ќе се намалат и дека јавниот долг нема да расте но податоците го покажуваат сосема спротивното .