Државата и натаму се задолжува. Овојпат со околу 189 милиони евра, преку две државни обврзници без девизна клаузула, кои се поставени на куси патеки. Првата достасува во 2026, втората во 2027 година. Издадени се на втори јануари, а од пред неколку дена котираат на официјалниот пазар на подсегментот берзанска котација.
Емисијата на првата државна обврзница е во вредност од 4.380.000.000 денари или 71,2 милиони евра. Номиналната вредност по обврзница е 10 илјади денари, а издадени се 438.000 хартии од вредност од овој вид, кои носат камата од 4,55 проценти. Согласно датумот на издавање, денот за достасување е втори јануари 2026 година.
Поголема е вредноста на другите државни обврзници без девизна клаузула – 7.242.920.000 денари, односно 117,7 милиони евра. Емитуваните 724.292 обврзници исто така имаат номинална вредност од 10 илјади денари. И каматната стапка е нешто повисока и изнесува 4,65 проценти. Овие хартии од вредност за рок на доспевање го имаат втори јануари 2027 година.