Потребните инвестиции за третман на отпадните води во Охридскиот регион се меѓу 60 и 70 милиони евра. Тоа е многу голема сума и треба да одиме чекор по чекор, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Тој зборува и за енергетската криза, аерозагадувањето и изградба на пречистителна станица во Скопје.

Господине Нуредини, во услови на енергетска криза државата увезува јаглен и мазут за домашното производство на струја. Како во ваква ситуација ќе ја спроведувате Зелената агенда?

Прво треба да погледнеме во минатото, потоа каде сме денеска и што треба да направиме во иднина. Како прво, треба да бидеме многу транспарентни за фактот дека нашата држава во минатото нема направено многу инвестиции во енергетскиот сектор. Најголемиот дел од енергијата што ја произведуваме во земјата е од електраните на јаглен, што значи РЕК Битола, РЕК Осломеј кои произведуваат околу 65 проценти од енергијата. Згора на тоа, за жал во моментов увезуваме јаглен, како и мазут за ТЕЦ Неготино. Планот на почетокот беше, идејата на Зелената агенда за која сите зборуваме, да се оттргнеме од конвенционалната употреба на фосилни горива. Парискиот договор предвидува дека до 2030 година треба да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51 процент. Со тоа, нашата стратегија е да ги деактивираме постројките на јаглен до 2030 година. Како ќе стигнеме до таму? Секако, имаме Енергетска стратегија и прашањето е како ќе ја имплементираме таа стратегија. Сега имаме енергетска криза, која впрочем не е само во нашата земја и треба да бидеме отворени дека ова е европска енергетска криза. Цените не растат само во нашата земја, цените растат во цела Европа и тоа се случува бидејќи сме многу зависни од еден извор, кој во моментов е Русија. Истовремено, како земја, планираме и работиме, а некои проекти веќе се почнати, на инвестирање во обновлива енергија, а тоа значи соларна, ветерна итн. Сега, исто така, сме во финална фаза со тендерската процедура за Чебрен, што ќе биде темел на нашата енергетска стратегија во иднина.

Аерозагадувањето е долгогодишен проблем. Очекувате ли сега со растот на цените на струјата повеќе домаќинства да се вратат на затоплување со дрва и со тоа да има зголемено загадување?

Како прво, предлогот за зголемување на цените на струјата не е финализиран, но слушнав дека е можно тоа зголемување да биде чекор по чекор, но за мнозинството граѓаните цените да останат исти. Така што не очекуваме домаќинствата да употребуваат друг извор на затоплување. Секако, во земјава веќе имаме бројни субвенции: за инвертери, за употреба на пелети или други начини, како пумпи за затоплување. Сакаме граѓаните да ги употребуваат субвенциите. Државата дава субвенции од 20 проценти, исто така има и други механизми за употреба на кредити или банкарски заеми. Исто така има 15 или 20 проценти субвенции за енергетска ефикасност. Сакаме да ги поттикнеме граѓаните да ја заменат употребата на затоплување на домовите со дрва или други материјали кои загадуваат. Всушност, не мислам дека загадувањето оваа година ќе биде зголемено.

Долго време од јавни пари имаше субвенционирање на инвертери. Дали беше грешка стимулирањето на користење на струја, која ја немаме?

Не, не. Мислам дека не станува збор за таков случај, не воопшто. Во исто време прашањето е од каде доаѓа енергијата и за што ја употребуваме. Не треба да заборавиме дека инвертерите се многу енергетски ефикасни и се забележува дека во изминатите 4 до 5 години имаме намалување на аерозагадувањето. Тоа ни покажува дека се движиме во правилна насока, дека преземените мерки покажуваат резултати. За жал, не пости решение преку ноќ за аерозагадувањето. Бидејќи заедно со шведската Влада и Универзитетот во Штип изработивме извештај за тоа од каде доаѓа аерозагадувањето во градовите. Имаме научни податоци кои покажуваат дека аерозагадувањето во градовите, посебно во Скопје, над 40 проценти доаѓа од биомаса, што значи дека се употребува дрво, евентуално пелети или други елементи кои го загадуваат воздухот. Потоа, за жал, доѓаат горивата – транспортот, нашите автомобили, кои за жал се многу стари и потоа е индустријата. Треба да ја запреме употребата на дрва и други такви материјали во насока да го решиме проблемот со аерозагадувањето и затоа проектот за гас (енергетската постројка во Александрополис) е многу важен.

Охридскиот регион и Охридското Езеро се светско природно и културно наследство. Но, анализите на Хидробиолошкиот завод покажуваат присуство на фекалии во водите на Езерото. Зошто не се преземни доволно мерки за да се спречи ваквиот проблем?

Да, сметам дека сите треба да бидеме задоволни и радосни со фактот дека Охрид е заштитена локација на УНЕСКО. Тоа треба да го задржиме, тоа е нешто на што работиме и за тоа бев во Париз да дискутирам со Комитетот на УНЕСКО. Минатата година добивме дополнителни две години да ги прегледаме и да ги имплементираме препораките на УНЕСКО. Кога зборуваме за отпадните води, кои за жал влегуваат во нашето езеро, треба да бидеме свесни од каде доаѓа тој отпад. Прво, тоа може да биде од згради кои не се поврзани со колекторот и во истовреме, треба да бидеме свесни дека главната цевка на колекторот за отпадните води во Охрид е оштетена и протекува и исто така делумно оттаму отпадните води се влеваат во езерото. Треба да бидеме свесни и за реката Сатеска, која се влева во Охридското Езеро и треба да биде пренасочена, на што во моментов работиме со меѓународни донатори да пренасочат делови од неа. Треба да го истакнеме фактот дека студија изработена од Јапонците, на што сме им многу благодарни, покажува дека потребните инвестиции за третман на отпадните води во Охридскиот регион се меѓу 60 и 70 милиони евра. Тоа е многу голема сума и треба да одиме чекор по чекор.

Граѓаните кои живеат во Охридскиот регион со години плаќаат за колекторскиот систем, а Езерото не е заштитено. Зошто?

Како што претходно го наведов фактот дека некои од домаќинствата, за жал, не се приклучени во системот, не знам во колкав процент од нив плаќаат сметки за комунални услуги. Не сакам да влегувам во таа дебата бидејќи тоа е одговорност на општината. Сепак, треба да се инвестира во колекторски систем, се согласувам со вас. Во исто време, како држава, не зборувам за централно или локално ниво, исто така треба да работиме заедно и да разбереме дека ќе ни требаат повеќе средства да инвестираме за поправка на штетата која во моментов постои.

Исто така и Реката Вардар е претворена во депонија во која се слева целата скопска канализација. Слична е ситуацијата во Лепенец, Пчиња… Зошто во 21 век Скопје е главен град без пречистителна станица?

Се согласувам, меѓутоа сакам да информирам дека сме во финална фаза за потпишување на договор, со кој и да го добие тендерот, и се надеваме дека до крајот на годината ќе започнеме да ја градиме постројката за третман на отпадни води во Скопје, што е инвестиција од над 100 милиони евра, а ќе ја финансираме преку заеми од ИЕБ и ЕБРД. Исто така ќе добиеме фонд и од Инвестициската рамка за Западен Балкан, односно од Европската Унија, што значи дека конечно оваа година ќе започнеме со изградба на пречистителната станица во Скопје за да се справиме со отпадните води во Скопје. Тоа е процес на кој работиме изминатите три години и сега конечно сме во финалната фаза и се согласувам со вас дека главен град не треба да биде оставен без постројка за третман на отпадни води.