За само еден ден вредноста на акциите на Нвидиа падна за 9,5% што сметано според вредноста што компанијата ја имаше пред крахот значи дека за 24 часа Нвидиа изгуби 279 милијарди долари.

Неверојатната загуба се должи на се поумерениот оптимизам што пазарот го има околу вештачката интелигенција чиј подем годиниве главно зависеше од чиповите што ги произведуваше Нвидиа. На еден ден пред крахот Нвидиа ја објави својата квартална прогноза која не ги исполни очекувањата на инвеститорите за идната заработувачка на компанијата.

Претходно и акциите на Интел паднаа за 9% откако беше објавено дека раководството има намера да ги затвори бизнисите кои не се неопходни и да ги преструктуира капиталните инвестиции.

„Толку големи пари влегоа во технологија и чипови во изминативе 12 месеци што вредноста на акциите е целосно изместена,“ објаснуваат стратезите од Стратегас секјуритис.

По бумот во инвестиции во АИ кој се случи минатата година по успесите на ЧатГПТ, сега пазарот почнува да покажува загриженост дека истите инвестиции се уште не почнале да се враќаат како што е очекувано.

Во јули Нвидиа ја достигна својата најголема вредност во историјата, која само во 2024 е зголемена за три пати.

Претходен рекордер по зијан беше Мета, која на 3 февруари 2022 изгуби 232 милијарди долари од својата вредност.