Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека е објавен јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во постковид периодот за кој е предвидена финансиска поддршка од 20 милиони евра.
„Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување – зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за закрепнување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во постковид периодот од јули до декември 2020 година“, кажа Бектеши.
Министерот рече дека за оваа финансиска поддршка може да аплицираат компании кои во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект, работат во производствени сектори кои се дефинирани како производство, освен оние кои се исклучени од оваа можност согласно Законот за контрола на државна помош, деловни субјекти што вршат дејност трговија, доколку инвестираат во основни средства, вршат дејности од областа на информациско-комуникациски услуги, доколку инвестицијата опфаќа воспоставување на нова организациска единица за технолошки развој, истражување и/или развој на ново софтверско или хардверско решение.
Со оваа мерка не се опфатени компаниите кои искажале негативен финансиски резултат во 2019 година, вршат дејност од областа на примарно земјоделство, шумарство и рибарство, вршат градежни дејности поврзани со изградба и продажба на станови и станбени и деловни згради за делот на градежната дејност изградба и продажба на станови, станбени и деловни згради, работат во индустриите за производство на јаглен и челик, се поддржани со други мерки и механизми за поддршка на специфични сектори, вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон, вршат лиценцирана дејност, вршат регулирана дејност чија цена ја одредува независно регулаторно тело, се корисници на право на концесии на добра од општ интерес, кои вршат дејности поврзани со наменско производство (вооружување и воена опрема), произведуваат акцизна стока, освен акцизна стока наменета за фармацевтски, медицински и индустриско лабораториски цели и вршат дејност трговија (на мало и на големо), освен ако инвестираат во основни средства и објекти.
„Висината на финансиската поддршка ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година“, кажа Бектеши.
Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 отсто од вредноста на инвестицијата, треба да ги врати средствата не подоцна од 1 март 2022 година.