Денеска 05.11.2024 год., Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) официјално го објави новиот јавен повик бр. 02/2024 за Мерка 7 „Диверзификација на фарми и развој на бизниси“ од ИПАРД III програмата. Вкупниот буџет за овој јавен повик изнесува 14 милиони евра, а апликантите може да побараат неповратен грант во максимален износ до 600.000 евра кој ќе покрие 60-75% од прифатливите трошоци за инвестиции во следните приоритетни сектори:

  • Поддршка на руралниот туризам
  • Алтернативно земјоделско производство
  • Преработка на алтернативни земјоделски производи
  • Производство на храна и пијалаци
  • Поддршка на занаетчиски активности
  • Поддршка на услуги за руралното население, само следните подсектори:
    • Услуги за престој и нега (домови за стари лица, за рехабилитација, итн.)
    • Услуги за дневно згрижување на деца
  • Поддршка на услуги во земјоделството, само следниот подсектор:
    • Воспоставување и унапредување на ветеринарните служби

На јавниот повик може да аплицираат физички и правни лица кои ги исполнуваат критериумите за подобност. Прифатливи трошоци во рамки на инвестициите се изградба/реконструкција на објекти, набавка на нови машини, опрема, фотоволтаици итн.

Јавниот повик ќе трае 45 дена, а крајниот рок за поднесување на проектни апликации е 20.12.2024 год.