Почнувајќи од октомври 2025 година, Обединетото Кралство ќе го ограничи огласувањето и рекламирањето после 21 часот на сите прехрамбени производи кои се сметаат нездрави за деца, вклучувајќи ја и брзата храна. Забраната исто така ги опфаќа интернет рекламите кои промовираат производи со висока содржина на масти, сол и шеќер

Министерот за јавно здравје на Обединетото Кралство, Ендрју Гвин, потврди за медиумите дека нездравата храна ќе биде додадена кон листата на забранети содржини за огласување, кои веќе вклучуваат пороци како што се коцкањето и алкохолот. Сето тоа е дел од напорите на јавното здравство за подобрување на целокупното здравје на земјата, каде што особено загрижува фактот дека сè повеќе деца се со прекумерна тежина.

Според податоците на државата, секое петто дете има прекумерна тежина уште пред да почне да оди во основно училиште. Кога станува збор за децата во основно училиште, повеќе од една третина од децата се соочуваат со овој проблем.

Овие бројки во голема мерка се совпаѓаат со европската иницијатива на Светската здравствена организација за следење на дебелината кај децата, спроведена помеѓу 2018 и 2020 година, која покажа дека во 33 европски земји, дури 29 отсто од децата на возраст од седум до девет години имале прекумерна тежина.