Фин Хакатонот е во организација на Министерството за финансии и Бирото за иновации и технолошки развој. Целта на предизвикот кој траеше 48 часа во Министерството за финансии е да се направат јавните финансии и Буџетот на Република Македонија подостапни за граѓаните преку идеи од самите граѓани.

Како најдобри на овој натпревар се тимот составен од Стефан Митевски, Ивана Ѓорѓиевска Стојановски и Георги Михаилов кои  изработија најдобра видео и мултимедијална игра. Најдобра веб апликација изработи тимот составен од Елена Андреева, Теди Пејоски, Елена Јовчевска, Каја Стоилеска, Александар Трпески и Александар Бака Марковски. Овие два тима победија на Фин Хакатонот натпреварот за креирање на веб-апликација, видео и мултимедијална игра за Граѓанскиот буџет, што викендов се одржа во Министерството за финансии.

 

Тие ќе го делат наградниот фонд од 1,5 милиони денари, а и двата тима ќе имаат можност да го развијат својот производ и да отворат сопствена фирма преку кој понатаму ќе го пласираат.

„Двата тима ќе работат на развој на финални производи со Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој, кои наскоро ќе им станат достапни на граѓаните“, информираат од Министерството за финансии.