Oд 17 до 20 април 2018 година во Скопје ќе се одржат обуки кои ќе ги спроведе експертското Здружение за креативен развој СЛАП од Република Хрватска, кое е партнерска организација во проектот „Отвораме можности“ финансиран од Европската Унија.
Сите оние заинтересирани невладини организации, претпријатија и претприемачи до 30-ти овој месец можат да се пријават за обуки за застапување и развој на локални политики за основање социјално претпријатие.
Овие обуките ќе им овозможат на учесниците да стекнат знаења и техники на застапување, како и да се запознаат со начинот на развивање локални политики во областа на социјалното претприемништво кое претставува алатка за инклузија на Ромите и на маргинализираните лица на пазарот на трудот.
Преку обуките се очекува да се развие и неформална мрежа на невладини организации и социјални претприемачи кои ќе дадат мислење за развојот на социјалното претприемништво на ниво на Град Скопје, во форма на официјален документ за застапување.
Заинтересираните треба да го пополнат прашалникот што е достапен на веб-страницата на ХЕРА (www.hera.org.mk).