Почитувани читатели,
Во редакцијата на БанкоМетар.мк последните неколку денови дојдоа десеттина прашања и жалби од бродски работници од нашата земја, кои сите го имаат истиот проблем: не можат да подигнат готовина од ниеден АТМ терминал во земјата ниту да платат на ПОС терминал во продавниците.
Овој проблем е забележан кај неколку наши читатели кои се обратија за совет и поддршка кај нас. Во ваков случај, кој е многу сложен и проблематичен за нашите граѓани кои платите ги заработуваат на бродови во странство и сега не можат да си ги подигнат тука, е особено чувствителен.
Затоа, редакцијата на БанкоМетар.мк стапи во контакт со Ocean Bank од Флорида, САД. Оттаму ни кажаа, без да ни ги наведат причините, дека нашата земја привремено е исклучена од нивниот платежен лист поради „висок ризик“ како што ни објаснаа. Што поточно значи „земја од висок ризик“ – не добивме одговор, но според нивните платни процедури, кои се прилично либерални, нашата земја од неодамна е сврстена во овој ранг.
Како моментално решение на овој проблем, редакцијата на БанкоМетар.мк на нашите бродски работници им препорачува своите средства да ги префрлат на сметка од Payoneer картичка или да ги испратат по SWIFT и IBAN во нашата земја. Немаме точни информации кога овој проблем ќе биде решен.
Би било добро доколку нашите читатели ја споделат оваа вест на социјалните канали, за да информираме повеќе наши сограѓани кои работат на бродови, за да можат да го избегнат овој голем проблем.
Наум Димитровски