Само со претходно закажан термин, даночните обврзници и сметководители на подрачјето на Скопје и неговата околина од 1 мај ќе можат да ги користат услугите на УЈП – Регионална дирекција Скопје.
Услугата „Закажи средба“ овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во УЈП – Регионална дирекција Скопје во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера, и тоа: добивање на општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци; отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник; консултации за издадени даночни документи; утврдување на даноци; постапки за наплата на долгови; правни прашања и консултација за други специфични прашања.
Закажувањето на термин за средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје може да се врши преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 или 02/3253 200 или он-лајн преку веб страницата на Контакт центарот kontaktcentar.ujp.gov.mk која овозможува пристап до услугата „Закажи средба“.
Странката, односно даночниот обврзник или сметководителот што закажал средба во УЈП – Регионална дирекција Скопје, а не е во можност да присуствува на закажаниот термин, потребно е средбата да ја откаже или да ја презакаже за друг достапен термин преку Инфо центарот или он-лајн.
Услугата „Закажи средб@” од 1-ви Мај 2018 година е задолжителна за сите странки кои ќе ги користат даночните услуги во УЈП – Регионалната дирекција Скопје, а странката која нема претходно да „Закаже средба“, нема да биде во можност навреме да ги користи услугите на УЈП-Регионалната Дирекција Скопје.
Воведувањето на систем за управување со странки „Закажи средба“ во УЈП – Регионалната Дирекција Скопје е со цел подобрување на даночните услуги, намалување на времето на чекање, намалување на метежите на даночните шалтери, навремена услуга и точен одговор за даночните обврзници.
Управата за јавни приходи – Регионална Дирекција Скопје е отворена за непосредна комуникација и соработка со своите даночни обврзници и истите ги очекува на претходно закажаната средба.