Граѓаните од 1 јули ќе можат да скенираат бар кодовите на фискални сметки преку кои ќе остварат 15 посто поврат на ДДВ. Од овој датум ќе биде достапна за превземање и апликацијата „МојДДВ“ преку која ќе можат да си ги вратат парите од купените производи со оданочени со 18 отсто. Едно четиричлено семејство ќе може да оствари поврат на ДДВ од најмногу 28.800 денари годишно, а парите од повратот на ДДВ на сметките на граѓаните ќе се исплаќаат на секои три месеци. Оваа можност ќе ја има секој граѓанин со наполнети 15 години, кој има сметка во банка и е регистриран на системот Е – даноци на Управата за јавни приходи.
„На 1.000 денари нето промет имате 180 денари ДДВ, тие се 180 денари данок, 15 посто од тоа е 27 денари, можете да го направите како премсетка, на крајот на месецот ќе знаете колку е“, изјави Зоран Заев, премиер.
Поврат на ДДВ нема да може да се направи на сметки над 30.000 денари. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2 отсто ќе има лимит.
„Колку пари ќе бидат вратени доколку граѓаните ги бараат сите сметки, ние очекуваме дека ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а максималниот износ на поврат на едно лице ќе изнесува 1.800 денари за три месеци“, рече Драган Тевдовски, министер за финансии.
Спроед директорката на УЈП, Сања Лукаревска, Управата е целосно подготвена за стартот новата мерка.
„Апликацијата „Мој ДДВ“ кој што граѓаните ќе ја користат од 1 јули дозволува скенирање само на валидни фискални сметки, со скенирањето на бар кодот системот на УЈП ги вчитува сите податоци од фискалната сметка, додека незаконските – компјутерски сметки не ги препознава“, изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.
Првата исплата ќе биде во декември 2019 година, ќе се исплаќаат пари директно на сметките на граѓаните, потоа исплатата ќе се врши во февруари, мај, август, ноември. Сметката ќе биде валидна за скенирање најмногу во рок од 10 дена од издавањето. За постарите граѓани ќе има екипи од волонтери на УЈП кои ќе им помагаат за инсталирање на апликацијата и користење на системот. Од еден мобилен телефон ќе може да се користат повеќе профили. Поврат се врши само за граѓани, важи само за фискални сметки, не и за фактури и нема да важи за сторнирани фискални сметки.