Од 1 јануари стапи на сила нов праг за ДДВ обврзници во износ од 2 милиони денари. Заклучно со 15 јануари сите правни или физички лица кои во 2019 година имале промет под 2 милиони денари, а се регистрирани како ДДВ обврзници, имаат можност да се дерегистрираат од Регистарот на ДДВ обврзници, додека оние кои во 2019 година имале промет над 2 милиони денари, а не се регистрирани треба да се регистрираат како ДДВ обврзници, информира Министерството за финансии.

„Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност, можат да достават и даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.

Пријавите за регистрација може да се достават по пошта, лично до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи, согласно седиштето или живеалиштето на даночниот обврзник или по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk .

Даночните обврзници, кои во 2019 година имале промет под прагот од 2 милиони денари, доколку сакаат, пријавата за дерегистрација за ДДВ обврзник, можат да ја поднесат до даночната канцеларија на УЈП или во електронска форма на линкот http://etax.ujp.gov.mk .

Министерството за финансии направи прирачник во кој граѓаните и фирмите ќе можат да се информираат повеќе за новиот праг и кој сѐ има или нема обврска како ДДВ обврзник. Прирачникот можете да го најдете на веб-страната на Министерството за финансии: https://www.finance.gov.mk/files/final%20v3_0.pdf“, се наведува во соопштението.

Инаку прагот за ДДВ обврзник беше зголемен од 1 милион денари на 2 милиони денари кон крајот на минатата година со цел да се намали административниот товар за граѓаните и фирмите.  Кога ги презентираше законските измени, министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека сеопфатната анализа на Министерството за финансии покажала дека даночната администрација троши повеќе време за малите ДДВ обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73 проценти. Исто така, со новите законски измени променет е и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот е скратен на три години од претходните пет години.