Промена кај втората и третата блок тарифа за електрична енергија од 1 јануари идната година најави денеска како можност министерот за економија Крешник Бектеши.
Одговарајќи на прашање на новинарите за можноста граѓаните кои штедат да добијат некаква награда, Бектеши рече дека нашата земја прва во регионот вовела стимулативни мерки преку воведувањето блок-тарифи.
„Потрошувачката е значително намалена, а не сум слушнал ни поплаки на граѓаните за висината на сметките, затоа што воведовме правичен концепт за тие што ќе штедат да платат помалку, а тие што имаат можност и трошат, да платат повеќе и да ги покриваат и овие што штедат за да имаат пониска цена на електрична енергија“, рече Бектеши.
Тој посочи дека се прават калкулациите од 1 јануари, при што нагласи дека не се предвидува да има значително зголемување на електричната енергија, посебно за домаќинствата и за малите потрошувачи.
-Убеден сум дека ќе има намалување на цената за малите потрошувачи и тоа е веќе одлучено, а во делот на домаќинствата ќе провериме со блок тарифите и доколку има потреба да се интервенира од страна на владата, дали тоа ќе биде втората блок тарифа, дали во третата, рече Бектеши.
Тој рече дека за четвртата блок тарифа ќе се залага уште повеќе да се зголеми, со цел да биде покриена цената на оние што имаат потреба, од тие што трошат нерационално, а со тоа можат да го сносат тој товар.