Од „ТАВ Македонија“ очекуваат зголемен фреквенција во авиосообраќајот во претстојната летна сезона и на двата македонски аеродроми – во Скопје од каде што во моментов се лета до 43 дестинации и во Охрид од каде што во моментов има летови до 13 дестинации.Од денес почнува нова сезонска авиолинија Скопје – Измир. „Пегасус ерлајнс“ и „Санекспрес“ ќе летаат на оваа авиолинија во текот на целата летна сезона, од почетокот на јуни до крајот на октомври.

„Задоволни сме што се отвора оваа сезонска авиолинија меѓу Скопје и Измир, како еден од главните туристички центри на Турција, до кој досега немаше директна авиоврска. Измир е атрактивна дестинација за македонските граѓани, како од аспект на туристички патувања така и од бизнис-аспект, со оглед на тоа што е третиот најголем град во Турција каде што е сместено најважното извозно пристаниште и каде што се одржуваат многубројни саеми. Сигурни сме дека оваа линија ќе придонесе и за зголемување на бројот на туристи, како и за зајакнување на економската соработка меѓу двете држави. Со ваквиот потенцијал се надеваме дека во иднина може да стане и редовна авиолинија во текот на целата година“,

изјави Метин Батак, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според соопштението на „ТАВ Македонија“, авиопревозникот „Пегасус“ почнува да лета од утре (2 јуни), па сè до 27 октомври. Авионите ќе летаат секој четврток, со време на пристигнување на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во 14:20 часот и време на полетување за аеродромот „Аднан Мендерес“ во Измир, во 15:20 часот, како и секоја недела, со време на слетување во Скопје во 9:55 часот и време на полетување за Измир во 10:45 часот.

Авиопревозникот „Санекспрес“, пак, ќе стартува со летови на истата авиолинија од 12 јуни и ќе лета до 2 октомври секоја недела, со време на слетување на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во 1:35 часот и на полетување во 2:25 часот.

Од „ТАВ Македонија“ додаваат и дека очекуваат зголемен авиосообраќај во претстојната летна сезона и на двата македонски аеродроми – Меѓународниот аеродром „Скопје“, од каде што во моментов се лета до 43 дестинации и Аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, од каде што моментално има летови до 13 дестинации.