Програмата преку која на лицата на возраст од 15 до 29 години им се помага полесно да дојдат до вработување, наречена Гаранција за млади, лани постигнала ограничен успех од само 35 проценти. Според последниот годишен извештај на Агенцијата за вработување лани во Гаранција за млади низ целата држава биле вклучени вкупно 20.302 лица, а се вработиле 6.036 од нив.

Од останатите 1.177 влегле во некоја од активните мерки за вработување кои не водат до директно вработување, но ја зголемуваат вработливоста.

-Од вкупниот број лица кои се вработиле, 470 биле вработени преку услугата за посредување при вработување, 467 биле вработени преку некоја од активните мерки за вработување, 76 се вработиле како основачи или управители. За 3.406 лица сè уште не биле поминати четири месеци од нивниот влез во Гаранција за млади, информираат од Агенцијата за вработување.

Оттаму појаснуваат дека од 467-те лица вработени преку активните мерки најголем дел, или 262, обезбедиле работно место преку субвенции, а 190 преку мерката финансиска поддршка за создавање нови работни места.

Во програмата практикантство која значи зголемување на вработливоста, но не и директно вработување, биле вклучени 833 лица.

Од Агенцијата посочуваат и дека повеќе од половината, или 11.068 лица кои влегле во Гаранција за млади, добиле некоја од нивните услуги.

-Спроведено е кариерно советување и изготвен е акциски план за 1.006 лица, профилирани се 3.735 лица, изработени се вкупно 3.913 индивидуални планови за вработување, од кои 96 за тешко вработливи лица, 148 лица биле вклучени во мотивациски обуки, на 1.078 им се дадени информации за пазарот на трудот и на 302 лица им е дадена помош при изработка на работна биографија, стои во последниот годишен извештај на Агенцијата за вработување.

Во извештајот уште се наведува дека во Гаранција за млади биле вклучени 1.457 Роми, како една од ранливите категории на пазарот на труд, а 212 од нив биле вработени во рок од четири месеци по вклучувањето во програмата, од кои девет преку некоја од активните мерки за вработување, а 26 во некоја од мерките кои не водат до директно вработување.

Инаку, минатата година Гаранција за млади за прв пат се спроведе како редовна програма која треба да придонесе за намалување на големата стапка на невработеност кај младите, откако во 2018 година покажа добри резултати како пилот-проект во три општини. Проектот таа година стартуваше во март во Скопје, Гостивар и Струмица со опфат на 5.266 лица. Од нив тогаш 1.879 се вработија, а 281 се вклучија во некоја од активните програми и мерки кои не водат до директно вработување. Успешноста на Гаранција за млади во 2018 година беше поголема отколку лани и изнесуваше 41 процент.

Инаку, целта на оваа програма е на млади лица на возраст од 15 до 29 години да им обезбеди шанса за вработување, континуирано образование и обука или практикантство во рок од четири месеци по вклучувањето во неа.