Монополите заклучно со првите неколку денови од годинава откупиле 3.800 тони тутун. Просечната цена е зголемена за 20 денари во однос на почетните проценки и до 4-ти јануари изнесува 326 денари за килограм.
До 4-ти јануари, според Инспекторат за земјоделство од оваа реколта се откупени 3.834 тони тутун по просечна цена од 326 денари за килограм. Поголемиот дел е проценет како прва, а околу 100 тони втора класа. Вкупна вредност на досега откупениот род е милијарда и 250 милиони денари.
Цените со кои почна откупот беа мали, велат од Министерството за земјоделство, поради што најавуваат повисока финансиска поддршка од претходните години.
Субвенцијата треба да достигне од 100 до 110 денари, зависно од пресметките на крајот од откупот. На постојните 80 денари, државата ќе издвои уште 20 до 30 денари за тутунарите.
Од оваа година тутунарите ќе добијат стопроцентна поддршка за „зелена нафта“, мерка која досега не ја користеа, како и 6.000 денари поддршка за хектар површина.
Тутунарите ќе плаќаат и помалку за поверениците кои го контролираат откупот на пунктовите. Оваа сума која досега им се одбиваше од предадените количини тутун и наместо 0,35 ќе биде 0,25 проценти.
Со монополите се потпишани 29.400 договори за 26.600 тони, но сепак проценките за родот се двојно помали од лани и изнесуваат околу 13.000 тони тутун.