По најавата на сточарите дека од 1 септември сирењето ќе поскапи за најмалку 30 отсто, и пекарниците најавуваат дека ќе бидат принудени да го поскапат лебот за најмалку 15 % веќе од септември.
По излегувањето на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, на светските берзи цената на пченицата веднаш се зголеми, а тоа пак за пекарниците ќе значи и промена на цените на лебот. Ако нема некаква интервенција од државата, новите поскапувања на лебот и на белите печива ќе биде неминовно, велат претставници на пекарската индустрија.
Членови на Пекарската занаетчиска комора најавуваат дека белиот леб што сега го купуваме за 35 денари, наскоро ќе се продава за околу 40 денари.
„Од крајот на јули, по излегување на Русија од Договорот за извоз на украинско жито, цените на берзите се зголемија за 10 до 15%. Исто така и покачувањето на цените на млечните и месни производи има удел, затоа што и овие продукти партиципираат во пекарската индустрија. Внимателно се следи ситуацијата и секој производител утврдува дали ќе ги покачи цените или ќе продава по исти цени“, изјави Горан Ѓоргиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори.
Годинава домашната пченица беше со слаб квалитет, поради што мелниците ќе треба да увезат поголеми количини поквалитетна пченица за да го добијат стандардниот квалитет на брашното.
Домашното сирење во моментот се продава по цена од 500 денари за килограм, а со најавеното зголемување се очекува максималната цена да достигне и до 700 денари за килограм.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека иако во однос на претходниот месец има мало намалување на вредноста на потрошувачката кошница во јуни, трошоците за храна и пијалаци се зголемени.
Од септември се најавуваат повисоки цена на 1.000 производи кои државата ги смета за луксуз.
Министерот за економија Крешник Бектеши ветува дека ако има потреба власта со нов пакет мерки ќе им помогне на граѓаните.