54 илјади вработени во образованието, здравство и градинките следниот месец ќе добијат зголемени плати за 5 проценти, за што од буџетот се издвоени 4,5 милиони евра. Воспитувачките во градинките ќе имаат зголемување од околу 1.000 денари, па нивните плати ќе бидат во просек по 18 илјади. Зголемувањето кај негователките е 700 денари, додека во здравството, докторите специјалисти на универзитетските клиники ќе добијат 4.500, а медицинските сестри 1.500 денари.
Министерот за финансии вели дека повисоките плати се најавени уште минатата година и немаат никаква врска со предстојниот референдум.
„Промената е согласно со промените, но насоката е јасна, за Владата зајакнувањето на јавното здравство и образование е приоритет“, вели Драган Тевдовски – министер за финансии
Министерот за образование не кажа за колку денари ќе се зголемат платите на вработените во училиштата, но дали знае колкави се сега платите на наставниците?
„Варира и од искуство и од останати работи…“, вели Арбер Адеми – министер за образоваине и наука
Од кабинетот на министерот дообјаснија дека зголемувањето кај наставниците ќе биде 1.300 во основното и 1.500 денари во средното образование.
Дали ќе има зголемување на платите и во другите сектори следната година, Тевдовски вели дека се уште е рано да се каже. Допрва почнуваат преговорите за буџетот за 2019.