Од среда поевтинуваат околу 50 основни производи, откако владината одлука за замрзнување на цени ќе стапи на сила. Министерот Бектеши очекува намалувањето да биде најмалку за 10%, а референтната цена над која не смеат да продаваат ќе биде некоја од претходните месеци. Денеска министерот ги свика сопствениците на маркетите да им ја соопшти одлуката.
Владата донесе одлука да се забрани продажба на производи на акција во маркетите. Со оваа мерка ќе бидат опфатени само прехранбените производи, додека останатите, како средства за лична хигиена, алкохолните и безалкохолни пијалоци и производите на кои им истекува рокот, и натаму ќе можат да се продаваат на акција.
– Доколку стават забелешка дека намалувањето на производот е заради тоа што му истекува рокот за да знае потрошувачот дека не се работи за сеопфатна акција тогаш ќе им биде дозволено акциски да ја намалат цената. Ако нема таква назнака ќе бидат казнети, а казната може да биде и со затворање на субјектот, прецизира Бектеши.
Маркетите кои нема да ја почитуваат одлуката ќе заработат парични казни, но и забрана за вршење дејност. Веќе од наредната недела ќе се донесе нов закон за нефер практики, со кој ќе се укинат над 20% од давачките во ланецот трговија, со што дополнително се очекува да се намалат цените.
Инаку од денеска во Хрвастка стапува на сила новиот пакет мерки вреден 464 милиони евра. Покрај помош во енергетиката, од трговците се бара намалување на цените на 30 основни производи, кои не смеат да се продаваат по повисока цена од онаа која важела на 31 декември.