Со пристигнувањето на автобусот на ЕУ, кој тргна од Брисел и ќе посети земји членки и земји кандидати за членство, беше означен почетокот на кампањата со потпишување на автобусот и петиција за донесување закон за минимален приход во Македонија.
– Идеата е да бидеме гласни, да бидеме солидарни, да бидеме разнолики и во пораките кои што ги испраќаме, а се со една цел да се направат шеми за минимален приход, кои што ќе гарантираат поквалитетен живот на луѓето и нивно извлекување од сиромаштија, рече Билјана Дуковска, претседателка на „Македонската платформа против сиромаштија“.
Според државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчовска, во новиот закон за социјална заштита се предвидува адекватен минимален приход за сите граѓани кои живеат на линијата на сиромаштијата за да можат ги зајакнат своите капацитети и да го најдат своето место на пазарот на трудот.
– Минстерството за труд и социјална политика ја дава поддршката на минималниот гарантиран приход и на целата кампања што ја прават нашите пријатели од Европа и со тоа се приклучуваме кон сите европски земји и кон обезбедување и пристоен и достоен живот за сите граѓани во Република Македонија, рече Тренчовска.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
– Општина Струмица секогаш е лидер во таквите напори. Можам да кажам дека вашето глобално дејствување ние ќе го пренесеме на локално ниво и ќе ја дадеме нашата максимална поддршка за вакви проекти, рече градоначалникот Јаневски.
Кампањата утре продолжува во Скопје, а задутре во Делчево. (МИА)