Традиционално Македонската банкарска асоцијација во соработка со Фондот за осигурување на депозити го одбележа Светскиот ден на штедењето 31. октомври.
Настанот започна со презентација на европскиот проект MiCreS, од страна на г-ѓа Фатма Диркес, потпретседателка на Frankfurt School of Finance & Management и претседателка на European Banking & Financial Services Training Association (EBTN) и Катиа Гоертз, директор на проектот.
Претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова-Штериева, го отвори свечениот дел со обраќање во кое го истакна значењето на штедењето и заложбите на банкарскиот сектор и асоцијацијата за финансиска едукација.
На присутните им се обратија и г-ѓата Фатма Диркес, министерката за финансии м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, вицегувернерката на Народната банка м-р Емилија Нацевска и в.д. директорот на Фондот за осигурување на депозити г-дин Бехар Емини.
Во рамките на прославата беа доделени признанија на најистакнатите банкарски службеници од оваа година – вкупно 31 најдобар вработен од членките на Македонската банкарска асоцијација, вклучувајќи банки, штедилници, Клириншка куќа КИБС и Македонското кредитно биро. Исто така, беше врачено и посебно признание на м-р Тони Стојановски во знак на почит за неговата посветеност и значаен придонес како заменик-претседател на МБА од 2018 до 2024 година.
Светскиот ден на штедењето, кој бил востановен на првиот меѓународен конгрес на штедилници во Милано на 31 октомври 1924 година се одбележува во нашата земја од 1999 година, со акцент на важноста на штедењето и финансиската писменост.