На обработлива земјоделска површина од 500 хектари државно земјиште, на местото каде што требаше да биде карго аеродромот кај Штип, ќе се гради најголемата агрофотоволтаична централа во Македонија и на Балканот. 270 хектари се во Општина Штип, а 130 ѝ припаѓаат на Општина Свети Николе. Централата треба да биде со капацитет од 360 до 400 мегавати. Инвестицијата е со вредност од 270 милиони евра и е на француската компанија „Акио енерџи“, а ја најави на 7 декември 2021 тогашниот премиер Зоран Заев, пишува „Фокус“.
Според измените на законот за земјоделско земјиште, се овозможува на земјиштето од пониски категории без да се пренаменува, да се градат фотоволтаици, што значи дека под волтаиците, кои ќе бидат инсталирани на поголема височина, на истото земјиште ќе можат да се одгледуваат земјоделски култури.
Тоа го истакна и министерката за животна средина Каја Шукова кон крајот на минатата година, кога со претставници на француската компанија и штипскиот градоначалник Иван Јорданов ја посетија локацијата.
Според земјоделски стручњаци, на почвата каде што треба да се гради агрофотоволтаичната централа, најдобро успевал бостан, краставици, тикви и индустриски домати.
Искористувањето на земјиштето над кое се поставуваат панелите не е нешто ново во развиените земји.
Последниве години многу волтаични централи се изградија и во соседна Грција, а во земји кои се познати по винарството, како на пример Франција и Шпанија, не се отстранува насадот за да се градат централите, туку тие се градат на неколку метри над насадот.
Според тамошните експерти од областа на лозарството, да се постават панелите над лозовиот насад имало повеќе предности. Со тоа се штител насадот од невреме, но и од директна изложеност на сонце.
-На овој начин, виновата лоза е заштитена од климатските промени, од силен дожд и град, но докажано е и дека се штеди со наводнувањето, бидејќи е потребно помалку вода – пишуваат француски и шпански медиуми посветени на лозарството.
Ова е нов начин за да се постави баланс помеѓу агрокултурата и фотоволтажната енергија, појаснуваат експерти од шпанската енергетска компанија Ибердрола која стои зад проектот Winesolar.
По теркот на развиените земји, и кај нас ќе се започне со одгледување на земјоделски култури под панелите, како што неодамна истакна и министерката Шукова.