Ако досега се сомневавте дека одиме во провалија и финансиска бездна, немојте повеќе да имате сомнежи. Одиме сигурно натаму….

Тамам зедов воздух од вчерашните објави на нашиов економски мејнстрим, кога вицепремиерот за економски работи Фатмир Битиќи, ударнички најави дека плата ќе има, и госпоѓине од Фајнанс Тинк ја издранкаа старата добра мелодија дека им треба уште помош на странскиве компании, тамам реков доволно е за неделава, кога гледам, од раднички погон – Битиќи да ти заминал во Алсат-М и таму развива нови економски методологии и фори.

После највата за плата од понеделник, со симнат товар од грбот, во емисијата се препушти на создавање на нови економски парадигми и го вели следново: цитирам: Прогресивниот данок нема да го намали јазот помеѓу богатите и сиромашните, туку напротив ќе го зголеми. Вицепремиерот Фатмир Битиќи не се согласува со идејата богатите да плаќаат поголем данок за разлика од сиромашните. Според него треба да се изнајдат други решенија за да се намали нееднаквоста помеѓу граѓаните.

Првава реченица од вицепремиеров треба да се прогласи за оксиморон на веков. Во речникон требит кај зборовите „оксиморон“ и „апсурд“ да се стави слика од Битиќи и да се цитира оваа реченица. Ваква изјава немало досега во светов. Почитуван министре, прогресивниот данок е измислен точно за овој проблем. За намалување на јазот меѓу сиромашните и богатите. Како поинаку ќе се намали овој јаз? Богатиот мора да даде повеќе, бидејќи има повеќе. Тоа е левичарската идеја. И не постои друг начин.

Има и поинаков начин, начинот на рамен данок, што според мене е прилично праведен но е повеќе десничарски и републикански. Но секако ние од него и не можеме да се одвоиме. Вашите претходници, левите војводи на десницата го воведоа по барање на странскиот економски асимилатор. Профункционира некако. Потоа дојде наводно левичарскава гарнитура, пробаа две госпоѓи и еден кловн да го сменат, но не им успеа и завршивме со ваква изјава која никој никаде до вчера на Алсат-М, ја немаше чуено.

Но, овој проблем со одредување на данокот, се провлекува подолго време. Кога госпоѓите Данска и Феминистка пробаа да го воведат, потковани со блументата на професорот кој се евакуира во Виена, странскиот економски окупатор им забоде толку длабок шпиц во ректумот, што до трето колено ќе го чувствуваат и потоа ги растури како бугарска скупштина. Сега, новиов „коловоѓа“ сака да го зачува својот ректум од таков шпиц, па тресе вакви ноторни глупости и нелогичности.

Подолу во изјавата вика – треба решенија за да се намали нееднаквоста, но не кажува какви. Бидејќи единственово решение го отфрла а приори, никој нормален не може да претпостави на какви решенија се мисли.

Џенем, што со оваа „патентирана“ економска политика јазот ќе продолжи да се зголемува, најверојатно и ќе акселерира т.е. ќе имаме неколку екстремно богати странски мастери, ова е сигурен начин плебсов дека ќе станува уште посиромашен. Но затоа е тој плебс, бидејќи не ја користи главата. Ја користи раката – за гласање, но не и главата.

Но за жал, гледаме дека и водствово не ја користи многу многу главата. Им ја полнат од Запад главата и овие не моделираат на тоа што Западот го бара од нив. А и од нас…

Ова исто така ќе се одрази и на буџетот. Само пред неколку денови издадовме еврообврзница од 700 милиони евра. За покривање на стара еврообврзница од 500 милиони евра која беше искористена за бронза, стиропор и фалш историја. Буџетот се испостави дека е неспособен да ја врати оваа еврообврзница, па се резадолживме, и тоа пази со кој аргумент – по историски најниска каматна стапка – во време на негативни каматни стапки на пазарите на капитал. И од ова задолжување остана кусур од 200 милиони евра за докусурување на нараснатите потреби за кои сме несолвентни да ги задоволиме. Овој долг ќе се зголемува, сме ја фатиле удолницата и со тек на време само ќе дозаглавуваме. И единствениот начин како да го враќаме овој долг- со поголемо учество на побогатите, а особено странските корпорации кои имаат мултимилијарден извоз и добивки, нашево економско водство го укинува преку измислување нови економски, даночни и фискални парадигми за да не ги лутиме поробувачите.

Сума сумарум ќе завршам како што почнав: Ако досега се сомневавте дека одиме во провалија и финансиска бездна, немојте повеќе да имате сомнежи. Одиме сигурно натаму….

 

Наум Димитровски