Одморот во странство за Владата е луксуз и нема да биде дел од новата потрошувачка кошничка.  А дали може би во пресметката ќе влегува некаков аранжман за летување на домашен терен како што е седумдневниот во Дојран кој сега го има во анализата на ССМ, заменик министерот за економија не прецизираше. Кажа дека не станува збор за кратење на правото на одмор, но смета дека летувањето во странство како ставка во новата пресметка не треба да го има.

-Никој не го скратува правото на одмор, но сепак одењето во странство на одмор мислам дека тоа секој граѓанин во Македонија во зависност од својот стандард и личен стандард и можности може да си го обезбеди или не. Меѓутоа сметаме дека не е еден од податоците кои треба да влезат во пресметката на потрошувачката кошничка, изјави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески

Во новата пресметка на кошничка учествуваат министерството за економија, за земјоделство, пазарен и КЗК. Таа е готова и деновиве ќе им се даде на увид на синдикатите, организацијата на работодавачи и на заштита на потрошувачите, а до крајот на месецот ќе биде верификувана на економско социјалниот совет. Економистите сметаат дека пресметката треба да се базира на статистички податоци.

-Министерството за економија кое што е надлежно за овие прашања па во одредена мера и министерството за финансии е во ред да учествуваат, меѓутоа основно е да се базира на официјална статитистика , вели професорот Марјан Петрески

За сега се знае дека за кошничка повеќе нема да се користи терминот минимална, туку просечна. Наместо за четиричлено ќе биде за тричлено семејство. Нема да има алкохол и цигари. Тие сега се наведени во брошурата на ССМ, но не влегуваат во пресметката на кошничката која синдикатите ја објавува секој месец.

До промени во пресметката дојде по забелешките дека имало спорни производи. Премиерот Мицксоки кажа дека тој лично во јануари не јадел црешни, кајсии, праски, а не испил ниту лименка нескафе од 250 грама. За министерката за финансии Кочоска пак беше спорно зошто во кошничката има грашок во конзерва и 13 литри млеко.

Дел од економистите сугерираа, во новата пресметка да не учествуваат министерства.