Советот на Народната банка донесе одлука за промени кај инструментот на монетарната политика, преку којшто се настојува да се влијае на валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. Со одлуката се предвидува намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски од 8% на 6,5%, со едновремено зголемување на стапката на задолжителна резерва од обврските во странска валута од 15% на 16,5%. Преку овие промени се зголемува просторот за промени во каматната политика на банки во полза на штедењето во домашна валута. Во таа насока, се очекува банките да направат прилагодување на каматните политики во корист на денарски депозитни производи, што ќе ги зголеми приносите на денарското штедење.
Оваа измена кај инструментот задолжителна резерва, која ќе се применува од јуни годинава, е во линија со Стратегијата за поддршка на денаризација на домашната економија.
На седницата на Советот беа разгледани и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка. Притоа, со донесените измени и дополнувања на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик се даваат јасни насоки за постапување од страна на банките при продажбата на достасаните, нефункционалните или отпишаните побарувања од договор за кредит. Овие насоки треба да овозможат унифициран пристап и натамошен развој на пазарот на продажба на кредитните изложености, вклучително и на нефункционалните кредитни изложености, што е една и од мерките предвидени со Стратегија за поттикнување на справувањето и подобрувањето на управувањето со нефункционалните кредити. Покрај тоа, се овозможува и постепено усогласување со соодветните барања и практики присутни во Европската Унија.
Членовите на Советот ги разгледаа и информациите во однос на цикличниот системски ризик кај кредитирањето. Притоа, врз основа на податоците од последниот квартал од 2021 година беше констатирано дека нема потреба од воведување на мерки за ограничување на кредитната активност. Советот донесе одлука за стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Северна Македонија, како и на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите кон други земји во висина од 0%.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Република Северна Македонија за 2021 година. Основната цел на овој Извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2021 година. Во Извештајот е презентиран профилот на ризик на Народната банка во однос на оперативните ризици, како и стратегиите и мерките за справување со оперативните ризици. Притоа, беше заклучено дека Народната банка редовно ја следи изложеноста кон оперативните ризици и активно управува и ги спроведува утврдените мерки и активности, коишто имаат за цел да обезбедат намалување на потенцијалните оперативни ризици. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.