Советот на Народната банка вчера одржа редовна седница на која го усвои Извештајот за извршувањето на Програмата за работа на Народната банка во 2018 година. Од Извештајот може да се заклучи дека и во текот на минатата година централната банка успешно ги остваруваше програмските активности во рамки на стратегиските цели предвидени со Стратегискиот план за периодот 2018 – 2020 година. На седницата беше потенцирано дека добрата организација, ефикасното искористување на планираните ресурси и навременото обезбедување на сите релевантни информации овозможија успешно извршување на редовните програмски активности на Народната банка, како и спроведување на голем број проекти за воведување промени во работењето и усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди, како и со барањата на Меѓународниот монетарен фонд.
На денешната седница беше разгледан и усвоен и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2018 година. Притоа беше заклучено дека Дирекцијата за внатрешна ревизија на Народната банка целосно ја спроведе својата програма за работа. Истовремено беше оценето дека внатрешната ревизија ги остваруваше своите цели преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, адекватноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасната и економична употреба на ресурсите, безбедното чување и заштита на средствата, веродостојноста и интегритетот на финансиските и другите информации и усогласеноста на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа.
Советот ги одобри и Годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка за 2018 година. Според мислењето на независниот ревизор, разгледано на седницата, финансиските извештаи ја прикажуваат финансиската состојба на Народната банка на 31 декември минатата година објективно во сите материјални аспекти, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.
На седницата, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки можат да отвораат и да имаат сметки во странство, којашто претставува усогласување со Законот за девизно работење по почетокот на примената на Одлуката за премин во втора фаза на асоцијација меѓу нашата држава и Европската заедница и нејзините земји членки. Согласно со Одлуката, резидентите слободно можат да отвораат и да имаат сметки кај странски банки резиденти доколку: продале недвижен имот во странство, издаваат недвижен имот во странство, имаат стекнато недвижен имот во странство и коишто треба да плаќаат трошоци за недвижниот имот во странство, имаат во сопственост хартии од вредност во странство и треба да наплатат побарувања врз основа на продажба на хартии од вредност во странство, дивиденди, камати или други приноси врз основа на хартиите од вредност.
Советот ги донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозволи и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање согласности, коишто содржат усогласувања со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките од јануари 2019 година.
На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.