Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која гo разгледа и го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во вториот квартал од 2019 година. Притоа беше констатирано дека банкарскиот систем и натаму ја одржува својата стабилност, a неговата отпорност на шокови бележи подобрување.
Како што беше истакнато на седницата, второто тримесечје од оваа година, меѓу другото, беше одбележано со подобрување на показателите за солвентноста и од повисокиот раст на активностите на банките.
Во усвоениот извештај е нагласено дека во вториот квартал од оваа година, кредитната и депозитната активност на банките продолжи да се зголемува. Кварталниот раст на депозитите изнесува 2,2%, со придонес на депозитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Кај кредитите е забележан квартален раст од 1,8%, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиски субјекти се зголеми за 0,3 процентни поени до ниво од 5,5%.
Показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со околу една третина во вкупните средства на банките, при што истовремено, показателот за соодносот меѓу кредитите и депозитите на банкарскиот систем се одржува на ниво пониско од 87%. Добивката на банкарскиот систем остварена во првите шест месеци е помала за околу 36% во споредба со добивката остварена во истиот период од претходната година, што во најголема мера е одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер коишто предизвикаа висок раст на добивката во првото полугодие од 2018 година.
Подобрувањето на солвентноста на банкарскиот систем првенствено произлегува од реинвестирањето на добивките од минатата година во капиталот на банките. Според податоците презентирани во усвоениот извештај, на крајот на првото полугодие, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем и понатаму е солидна и изнесува 17,4%.
На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.