На 12 февруари 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка во декември минатата година, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,5%. На седницата, исто така, се одлучи понудата на благајнички записи, за аукцијата којашто ќе се одржи на 13 февруари 2019 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено, и на оваа седница Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.
Споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на минатогодишниот октомвриски циклус проекции, не упатува на позначајни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Податоците за економската активност за третото тримесечје од 2018 година покажаа раст на БДП од 3%, што е малку подобро во однос на очекувањата. Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – декември 2018 година упатуваат на поповолни поместувања во економијата во четвртиот квартал, при забрзан раст на активноста во индустријата и прометот во трговијата, како и висок раст на извршените градежни работи, наспроти нивниот пад во третиот квартал на минатата година. Со оглед на тоа, податоците укажуваат на натамошно закрепнување на економијата.
Во однос на инфлациските движења, остварената годишна стапка на инфлација од 1,5% за 2018 година соодветствува со октомвриската проекција, додека оцените за движењето на поголем дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Сепак, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 2% засега се оценуваат како урамнотежени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка. Растот на девизните резерви во јануари 2019 година, засега е малку поумерен во однос на проектираниот раст за првиот квартал, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека девизните резерви и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досегашните расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври – декември 2018 година укажуваат на остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата.
Во однос на монетарните движења, првичните монетарни податоци за јануари 2019 година покажуваат месечно намалување и на депозитите и на кредитите, што претставува вообичаено поместување за овој месец од кварталот и засега не упатува на позначително отстапување на движењата на овие агрегати од проекциите. На годишна основа, растот на депозитите во јануари го надминува проектираниот годишен раст за крајот на првиот квартал од годината, додека годишниот раст на кредитирањето засега е малку понизок во однос на проектираниот.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, домашните банки имаа релативно ниска трговска активност на пазарите на пари, при натамошно зголемување на денарската ликвидносна позиција на банкарскиот систем. Растот на ликвидните средства на банките во овој период во најголем дел е одраз на сезонски пониската побарувачка за денарска готовина од страна на правните и физичките лица по новогодишните и божиќните празници.
На девизниот пазар, при сезонски висока понуда на девизи од менувачниците во декември минатата година, банките насочија дел од вишокот девизни ликвидни средства кон Народната банка којашто интервенира со умерен откуп, од 2 милиона евра на почетокот на јануари годинава. До крајот на минатиот месец, со оглед на повисокиот месечен пад на понудата на девизи кај менувачниците и на падот на побарувачката за девизи кај корпоративниот сектор, банките остварија нето-продажба на девизи за нивните клиенти, наспроти нето-откупот во декември, што е вообичаено за овој месец од годината. Банките ја надоместија нето-побарувачката за девизи од сопствени извори, но и преку тргување на меѓубанкарскиот девизен пазар.
Во текот на јануари и првата седмица од февруари, банките ги неутрализираа краткорочните промени кај денарската ликвидност преку приспособување на пласманите во расположливите депозити преку ноќ кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата.
На почетокот на оваа година, економските податоци и показатели за идните очекувани движења посочуваат на натамошно забавување на растот на економијата на еврозоната. Притоа, во услови на изразена неизвесност, а согласно и со надолно ревидираните проекции на ММФ и Светската банка, глобално влијателните централни банки преминаа кон повнимателен пристап при оценувањето потреба од затегнување на монетарните политики. Така, Европската централна банка (ЕЦБ) на состанокот во јануари посочи на надолните ризици коишто придонесуваат за понизок економски раст. Федералните резерви (ФЕД) на јануарскиот состанок го запреа циклусот на зголемување на каматните стапки и нагласија дека во наредниот период ќе имаат попретпазлив пристап при носењето на одлуките за натамошно зголемување на каматните стапки, како и во однос на повлекувањето на ликвидноста, преку намалување на хартиите од вредност во билансот на централната банка.
Општо гледано, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на основната каматна стапка од страна на Народната банка во декември минатата година досега не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени не упатуваат на позначајни отстапувања во однос на проектираната динамика, ниту на промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. На седницата беше утврдено дека ризиците од окружувањето сѐ уште постојат. Следствено, Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи движењата во економијата, како и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.