Вчера, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето на каматната стапка во претходниот месец, на оваа седница Комитетот оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2%. Исто така, беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 12 февруари 2020 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

Споредбата на најновите макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика во рамки на октомврискиот циклус проекции не упатува на позначителни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Остварениот економски раст во првите три квартали од 2019 година од 3,6% е во согласност со проекциите за соодветниот период од годината, при очекувања за поумерен економски раст во последниот квартал, што се согледува и преку тековно расположливите високофреквентни показатели.

Инфлациските остварувања во 2019 година не отстапија значително од октомвриската проекција. Во отсуство на податоци за движењето на домашните цени во првиот месец од 2020 година, како и при претежно надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% се оценуваат како урамнотежени. Неизвесност околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои.

Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првиот месец од 2020 година се подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона. Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за последниот квартал од годината укажуваат на повисок остварен трговски дефицит во однос на проектираниот. Податоците за нето-откупот од менувачкото работење, заклучно со втората декада на јануари, засега не се доволни за изнесување попрецизни заклучоци околу нето-приливите од приватни трансфери за првото тримесечје на 2020 година.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за јануари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните деловни банки се зголеми, за што главен придонес имаше сезонскиот пад на побарувачката за денарска готовина, којшто е карактеристичен за периодот по новогодишните и божиќните празници. На девизниот пазар во јануари, банките остварија релативно висока нето-продажба на девизи за потребите на нивните клиенти. Покрај од сезонските фактори, овие движења беа одраз и на зголемената побарувачка на девизи од компаниите, заради отплаќање на нивните обврски кон странство. Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка на девизи од страна на клиентите од девизната ликвидност со којшто располагаат. Во такви околности, за разлика од претходниот месец кога Народната банка вршеше откуп на вишокот девизна ликвидност на банките, во јануари 2020 година таа немаше интервенции на овој пазарен сегмент.

Во анализираниот период, банките немаа потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити, со оглед на релативно високата ликвидносна позиција во домашна валута. Тие и натаму го насочуваа вишокот денарски средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.

На почетокот на јануари, по подобрувањето на трговските односи помеѓу САД и Кина со потпишувањето на „првата фаза“ од трговскиот договор, пазарните учесници имаа позитивни очекувања за движењата на економиите, а со тоа и на меѓународните финансиските пазари. Во втората половина од месецот дојде до пресврт во очекувањата заради засилените надолни ризици за глобалниот економски раст со ширењето на вирусот корона од Кина. Со цел да ја заштитат вредноста на инвестициите, инвеститорите реагираа преку зголемени вложувања во побезбедни финансиски инструменти, што доведе до раст на цените на државните хартии од вредност, односно пад на приносите, апрецијација на САД-доларот и зголемување на цената на златото. Централните банки на развиените економии во јануари ја задржаа тековната поставеност на монетарната политика и натаму давајќи ѝ поддршка на економската активност.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Ризиците и понатаму постојат. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.