На 10 декември 2019 година, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на октомвриските макроекономски проекции. Притоа, беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови и дека економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Ниската и стабилна инфлација и поволната позиција на билансот на плаќања, од почетокот на годината, постојано придонесуваат за интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања. Во вакви услови, беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25% и на аукцијата на благајнички записи на 11 декември 2019 година да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари.
Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, според објавените проценети податоци за БДП, економската активност растеше и во третиот квартал од годината. Реалната стапка на годишен раст изнесува 3,6%, а остварувањата засега се во рамки на очекувањата. Во однос на факторите на раст на економијата, позитивен придонес има домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Растот на економијата во првите три квартали од годината изнесува 3,6% и е во согласност со проекциите за овој период од годината. Расположливите високофреквентни показатели за октомври се ограничени и не се доволни за донесување попрецизни заклучоци за четвртиот квартал, но засега сигналите упатуваат на понатамошно зголемување на активноста во економијата.
Остварената просечна годишна стапка на инфлација за периодот јануари-ноември изнесува 0,8% и е малку под очекуваната инфлација од 1% за 2019 година. Неизвесноста околу движењата на цените на примарните производи на светските берзи и натаму е главниот фактор на ризик за проекцијата на домашната инфлација за следниот период.
Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, остварувањата кај билансот на плаќања во третото тримесечје од 2019 година главно се во рамки на проекциите. Податоците за надворешнотрговската размена заклучно со октомври упатуваат на малку повисок трговски дефицит во однос на проектираниот, иако периодот е многу краток за донесување поконкретни заклучоци. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со првите десет дена на ноември укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери, согласно со проекциите за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на ноември бележат раст, и во однос на остварувањата заклучно со третиот квартал, и во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за ноември покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, при што досегашните движења не упатуваат на некои поголеми отстапувања од проекцијата.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните деловни банки се одржуваше на релативно високо ниво, поради што тие и натаму имаа слаба потреба за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на депозити. Банките и натаму го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.
На девизниот пазар во ноември банките реализираа релативно висока нето-продажба на девизи за потребите на нивните клиенти. Ваквите движења, покрај од сезонските фактори, во голем дел беа одраз и на зголемената побарувачка за девизи од нерезидентите. Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка за девизи од страна на клиентите од вишокот девизна ликвидност со којшто располагаат. Во такви околности, за разлика од претходните месеци кога Народната банка беше присутна со откуп на вишокот девизна ликвидност на банките, во ноември таа не интервенира на овој пазарен сегмент.
Во ноември, на меѓународните пазари повторно преовладуваа очекувањата на инвеститорите за позитивен резултат од преговорите помеѓу САД и Кина околу „првата фаза“ на трговскиот договор, што доведе до пораст на побарувачката за поризични финансиски инструменти. Во такви услови, на меѓународните финансиски пазари продолжија да растат приносите на должничките инструменти, додека цената на златото имаше надолен тренд. Во анализираниот период, централните банки на глобално ниво и натаму спроведуваат олабавувачки монетарни политики, при што ЕЦБ повторно ја активира програмата за квантитативно олеснување.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, повторно беа нагласени неизвесноста и ризиците од надворешното окружување, како и од домашниот контекст. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.