На 15 јануари 2019 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на каматната стапка во декември минатата година, на оваа седница Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,5%. На седницата, исто така, се одлучи понудата на благајнички записи, за аукцијата која ќе се одржи на 16 јануари 2019 година, да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено, и на оваа седница Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.
Споредбата на последните макроекономски показатели со нивната проектирана динамика во рамки на минатогодишниот октомвриски циклус проекции не упатува на позначајни отстапувања во одделните сегменти од економијата. Податоците за економската активност за третото тримесечје од 2018 година покажаа раст на БДП од 3%, што е нешто подобро во однос на очекувањата. Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – ноември 2018 година упатуваат на поповолни поместувања во економијата во четвртиот квартал, при забрзан раст на активноста во индустријата и прометот во трговијата, како и висок раст на извршените градежни работи. Со оглед на тоа, податоците укажуваат на постепено закрепнување на економијата.
Кога станува збор за промените кај потрошувачките цени, остварената годишна стапка на инфлација од 1,5% за целата 2018 година соодветствува со октомвриската проекција, односно е занемарливо под проектираната стапка од 1,6%. При тековна инфлација нешто пониска од проектираната во октомври минатата година, како и при надворешни влезни претпоставки ревидирани во дивергентни насоки, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 2% засега се оценуваат како урамнотежени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот на девизните резерви во последниот квартал од 2018 година е повисок од очекувањата во рамки на октомвриските проекции, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека тие и натаму се одржуваат во сигурната зона. Според досега расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за периодот октомври – ноември 2018 година укажуваат на можност за остварување подобро трговско салдо во однос на очекувањата. Последните расположливи податоци за нето-откупот од менувачко работење, заклучно со првата декада од декември, укажуваат на нето-приливи од приватните трансфери во последниот квартал коишто се во рамки на очекуваните со октомвриската проекција.
Прелиминарните монетарни податоци за декември 2018 година покажуваат задржување на континуитетот на раст и на депозитите и на кредитите. Депозитната база продолжи да расте со забрзана месечна динамика, за што најголем придонес имаат депозитите на домаќинствата. На кредитниот пазар, месечниот раст исто така забрзува и е воден од кредитирањето на корпоративниот сектор. На годишна основа, растот на депозитите го надмина проектираниот годишен раст за крајот на 2018 година, додека годишниот раст на кредитирањето е нешто понизок во однос на проектираниот.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, на домашните пазари на пари не беше забележана поизразена активност, а во услови на понатамошно задржување на поволната ликвидносна позиција на банките. Притоа, во декември, вкупната ликвидност забележа дополнителен раст, главно поради интервенциите на НБРМ на девизниот пазар. НБРМ откупи околу 67 милиони евра во декември, или двојно повеќе споредено со истиот месец претходната година. Во текот на целата 2018 година, НБРМ откупи вкупно 382 милиона евра, што претставува историски највисок откуп во изминатите четиринаесет години.
Релативно високиот откуп на девизи во декември, но и во текот на целата 2018 година, беше остварен при поволни движења на сите сегменти на девизниот пазар, при што банките во трансакциите со клиентите остварија нето-откуп на девизи, во услови на пониска нето-продажба на девизи за потребите на компаниите и истовремено повисока понуда на девизи во трансакциите со менувачниците, како сезонски ефект пред новогодишните и божиќните празници.
Во текот на декември минатата и во првата половина на јануари оваа година, банките ги неутрализираа краткорочните промени кај денарската ликвидност преку приспособување на пласманите во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата.
Минатиот месец, на меѓународните финансиски пазари и натаму продолжија променливите движења, при зголемена одбивност за преземање ризик кај инвеститорите, што услови раст на побарувачката на безбедни финансиски инструменти во еврозоната и САД. Пазарното расположение беше движено од послабите макропоказатели во еврозоната и надолната ревизија на проекциите за економскиот раст и за стапката на инфлација од страна на ЕЦБ. Притоа, инвеститорите ги променија очекувањата во однос на динамиката на нормализирање на монетарната политика на ЕЦБ во текот на оваа година. Исто така, и покрај зголемените очекувања за решавање на трговскиот спор помеѓу САД и Кина, во насока на зголемување на одбивноста за преземање ризик беше и одлуката на ФЕД да ја зголеми референтната каматна стапка донесена на декемврискиот состанок, како и политичката неизвесност во околности на делумно затворање на работењето на американската државна администрација. Во услови на зголемена понуда на нафта и намалени изгледи за глобалниот економски раст, цената на нафтата достигна најниско ниво во последните шестнаесет месеци.
Сумарно, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка минатиот месец па досега не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени не упатуваат на позначајни отстапувања во однос на проектираната динамика, ниту на промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. На седницата беше констатирано дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување. НБРМ ќе продолжи внимателно да ги следи движењата во економијата, како и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.