Владата донесе одлука со која се ограничува маржата во трговијата на големо и трговијата на мало на 102 групи на производи или на над 1.000 прехранбени и непрехранбени производи, информира на прес-конференција заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Ова како што додаде е со цел да се заштити животниот стандард на населението односно да се намалат трошоците за живот во потрошувачката кошница за храна и пијалаци и кај средствата за лична хигиена.
Како што појасни на пет отсто се ограничува маржата на основните осум прехранбени производи и тоа: леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, млеко, јогурт и кисело млеко.
Маржа од десет отсто се ограничува за група од 55 прехранбени производи: месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини. Ограничување на 15 отсто бруто-профитна маржа, пак, ќе се применува на 39 групи прехранбени производи и средства за хигиена и тоа: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Учесниците во трговијата се задолжени како што потенцира Ристески, сите овие производи да бидат 70 проценти застапени на рафотвите.
„Втората одлука којашто ја донесе Владата е утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало при што како највисоки цени се утврдуваат цените што се применувале на 1 февруари 2025 година. Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во службен весник и ќе траат до 30 април“, информира тој.
„Нашите очекувања се дека со овие две одлуки цените на основните прехранбени производи кои се содржани во одлуката ќе се намалат во просек од 10 отсто, освен осумте прехранбени производи, за кои се очекува да останат на исто ниво односно да не се зголемуваат цените или да има минимално намалување на овие цени“, додаде Ристески.