Одделни партии во Германија предлагаат повторно воведување мерки како за време на нафтената криза во 1973 година – општо ограничување на брзината и забрана за возење во недела. Дојче веле прашува колку би било тоа ефикасно денес.
Прва на тоа се сети Текла Вакер, министерката за животна средина на Баден-Виртемберг.
„Зошто не воведеме ограничување на брзината или „недела без автомобили“, како во седумдесеттите? Тогаш таа мерка се покажа како ефикасна и помогна да се намали потрошувачката на гориво“, кажа покраинската министерка од редовите на Зелените за германската агенција ДПА.
Палката потоа ја презема Нина Шир, претставничката на владејачката Социјалдемократска партија (СПД) задолжена за енергетика и заштита на климата.
„Неделите без автомобили во минатото не ни наштетија, а денес би можеле да ни помогнат доколку дојде до недостиг на гориво“, кажа Шир за Велт, додавајќи дека „тоа е она што луѓето можат самите да го направат за да го намалат приливот на пари во воениот буџет на (рускиот претседател Владимир) Путин“.
На крај, овој викенд се огласи и копретседателката на Зелените Рикарда Ланг, кажувајќи:
„Потребно ни е привремено ограничување на брзината на автопатите, како на пример на девет месеци, значи до крајот на годината, односно до моментот кога сакаме да станеме независни од руската нафта“.
Во државата која има произведувачи на автомобили како Мерцедес, БМВ или Фолксваген, тој предлог не можеше да помине незабележано. По изјавата на Рикарда Ланд за збор се јавија либералите (ФДП), коалициските партнери на Зелените на сојузно ниво:
„Неверојатно е како некои ја користат војната во Украина за да ги спроведат своите симболични теми“, кажа генералниот секретар на ФДП Бијан Џир Сарај и заклучи:
„Сега е дефинитивно погрешно време за партиската идеологија“.
Општо ограничување на брзината и „недела без автомобили“ за првпат воведе владејачката коалиција на Социјалдемократите и Либералите под Вили Брант во 1973 година, во обид да се избори со последиците од нафтената криза по Јомкипурската војна на Блискиот Исток. Прва таква акција била организирана на 25 ноември 1973, а потоа следеле уште три „недели без автомобили“. Оние кои би ја прекршиле забраната биле казнувани со 500 марки. Истовремено, на автопатите била ограничена брзината до 100 километри на час, а на брзите сообраќајници до 80. Тие правила останале на сила цели шест месеци.
Уште првата „недела без автомобили“ донела во Германија слики како од филмовите: илјадници пешаци и велосипедисти се слеале на автопатите, полицијата пешки ги бркала прекршителите на законот, а скокнале и цените на коњите, како што јавувале тогашните медиуми.
Дали тие мерки би можеле денес да функционираат и денес? Аналитичарите со кои разговарал германскиот јавен сервис АРД проценуваат дека забрана за возење на автомобил во недела, во комбинација со воведување општо ограничување на брзината, би ја намалила потрошувачката на гориво до десет отсто. Прашањето е, меѓутоа, колку таквата мерка би можела да биде применлива денес, кога сè повеќе луѓе поради пандемијата користат автомобил за да ги избегнат гужвите во јавниот превоз.
„Мислам дека е тешко да се спроведе тој предлог, бидејќи многу луѓе денес работат и во недела“, вели Амадеус Бах, истражувач од Универзитетот во Манхајм. Би било подобро кога надлежните би дале различни субвенции, на пример за користење на јавниот превоз, смета тој.
Инаку, во последните години речиси европски престолнини симболично одредија најмалку еден „Ден без автомобили“ годишно, овозможувајќи им на пешаците и велосипедистите да уживаат во центрите на градовите.
Различни мислења имаат и еколозите. Организацијата Гринпис предлага две „недели без автомобили“ секој месец во Германија, додека Јирген Реш, од еколошката организација ДУХ смета дека тоа е „само симболика“, а дека всушност се „потребни потрајни решенија за намалување на потрошувачката на фосилните горива.
Сепак, тој за Рајнише пост оцени дека ограничувањето на брзината би имало смисла, бидејќи смета дека секоја година „би се заштедиле 3,7 милијарди литри бензин и 9,2 милиони тони емисии на јаглерод диоксид“.