Како се наближува туристичката сезона, угоститиелите од Охрид и Струга стравуваат дека проблемот со недостатокот на стручна работна сила, пред сè готвачи, келнери и шанкери, ќе се продлабочува. Од кластерот за туризам алармираат дека веќе во март голем дел од нашите работници ќе заминат на работа во Хрватска. Кадарот што недостасува ќе мора да се надополнува со работници од други градови, но и од Албанија. Сепка, ниту тоа не е доволно.
Сузана Наумоска-претседател на кластер за туризам “Еден“
„Во Охрид, имаме прилив на работна сила од Поградец и од Корча, што е доста интересно. Ако го знаат јазикот е предност, но ако не го знаат, има проблем. Ако нашите мигрираат надвор и мигрираат во ЕУ и ние треба од некаде да донесеме некој што може да работи на ова поднебје.“
За да се задржат домашните кадри, експерите апелираат – газдите да ги зголемат платите.
Науме Мариноски-професор на факултет за туризам
„Хотелиерите и другите чинители во туристичката дејност треба да бидат претпазливи и да ги следат трендовите кои се актуелни денес во развиените земји. Ако тоа го направат, ќе видат дека не само платите, туку и третманот и односот кој го имаат кон вработените ќе го подобрат бидејки тоа е во нивни интерес.“
Минатата сезона со цел да се пополни недостатокот на квалификувана работна сила, многу често беа вработувани неискусни кадри, што создаваше проблеми. Неодамна од Хотелската асоцијација на Македонија испратија барање до Владата со кое бараат итно да се олеснат законските процедури за да можат без проблем да носат работници од други држави.