Цените во туристичките центри се во постојан пораст, но се поставува прашањето што се нуди за таквите високи цени. Во нашиот најголем туристички бисер во последниве 20 години, особено во угостителскиот сектор тешко се наоѓаат објекти каде што се нуди барем минимален квалитет според светските стандарди пренесува МРТ.

„Стандардна е понудата во подолг временски интервал, скоро дека ништо не се менува, а цените одат нагоре. Ние мораме да сугерираме дека е неопходно балансирањето на цените да биде во согласност со понудата што ќе ја дадеме“, изјави проф. д-р Наум Мариноски, експерт од областа на туризмот.

Најголемиот број од угостителите не ги знаат ниту нормативите кои се однесуваат на храната и како треба да се дочека и услужи гостинот.

„Кога станува збор за послужување храна и пијалаци, во делот на храната точно е пропишано дека една провизорна бројка, односно една грамажа од 750 грама, започнувајќи со ладно предјадење, топло предјадење, главно јадење и десерт. Сето тоа е дел од оној пропишан норматив кој што треба да го добие еден клиент“, изјави проф. д-р Климент Наумов, Факултет за туризам и угостителство-Охрид.

Веќе нема простор за импровизации, особено сега кога странските туристи по корона кризата се вратија на охридското крајбрежје, бидејќи и тие како и домашните имаат забелешки на високите цени за што добиваат скромни услуги.