Претстојните празници и летните горештини го наполнија Охрид и ривиерата со гости. Традиционално, Охрид го достигнува шпицот на туристичката сезона токму за празникот „Илинден“, така што градот и туристичките населби повторно наликуваат на подобрите сезони кога во градот се бараше легло повеќе.
Плажите на езерото се полни со туристи, чаршијата во градот е тесна да ги прими сите посетители. Најмногу странски туристи има по т.н. кружни тури, кои секојденвно го посетуваат Стариот дел на Охрид при обиколка на културно-историските споменици и најатрактивните локалитети низ градот.
Убедливо најбројни странски туристи во Охрид оваа сезона се од Турција, но најчесто тие во градот се само на ден-два. Организирано во Охрид оваа сезона летуваат најмногу туристи од Полска, Холандија и од соседните земји.
За дополнителна посетеност придонесуваат и бројните културни настани и забавни содржини, концерти што традиционално се организираат околу Илинденските празници.
Зголемена е и фреквенцијата на возила, се создаваат тесни грла во одвивањето на сообраќајот. Тесните градски и приградски улици и патишта тешко го примаат тој огромен наплив возила така што кон и од плажите се вози бавно и во колони.
Она што е карактеристично речиси за секоја летна туристичка сезона е некоректниот однос на дел од гостите кои своите возила ги паркираат надвор од пропишаните места за да не платат паркинг, како и неводењето сметка за хигиената и фрлање отпадоци насекаде, по улиците, парковите, па и во езерото.
Екипи на градските комунални претпријатија секојдневно уште од зори се на терен и го собираат ѓубрето, но сепак останува впечаток дека генерално свеста за потребата од грижа за околината е на незадоволително ниво.