Од ноември до март со исклучок на Новогодишните празници, главниот туристички центар во земјава зјае празен. Охрид мора да размислува за воведување на вонсезонски намалени цени за привлекување туристи…
Намалување на сезоналноста во туризмот треба да биде приоритет на Охрид. Од ноември до март со исклучок на Новогодишните празници главниот туристички центар во земјава зјае празен. Градот има капацитет за привлекување гости, но потребно е креирање на вонсезонска понуда.
Според експертите потребно е воведување на вонсеознски, намалени цени на сместувањето и угостителските услуги.
„Вонсезоната најчесто се пробива преку културниот туризам, ако во тие рамки посебно се важни културните манифестации и конгреси. Треба да тежнееме кон организирање на некои форми на саеми во рамките на туристичката дестинација со тоа ќе можеме многу подобро да настапуваме вон сезона“, вели професорот по туризам Науме Мариноски.
На брегот на Охридското Езеро, најслаби месеци по посетеност се ноември и февруари, но капацитетите се полупразни и во декември, март и април. Граѓаните велат, цените на сместувањето и угостителските услуги се превисоки.
„Би требало нормално за да има гости, се нема пари. Кој работи кој не работи. Високи се цените некој и да сака да оди не може ниска е платата.“
„Зима-лето исти се цените, не ги намалуваат ништо. Треба да ги намалиме во зима да бидат прифатливи за сите.“
„Јас сум од Охрид живеам во Холандија и овде да ви кажам цените се поскапи отколку во Холандија. Треба да ги намалите и на лето затоа што туристите бегаат“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Потребно е инвентивност од страна на туристичките работници, да креираат богата вонсезонска понуда, која ќе опфаќа активен, рурален, планински, културен, верски и гастротуризам.