Кумулативниот реализиран финансиски резултат на Охридска банка за периодот од 1.1 до 31.3 2018 г. изнесува 199,6 милиони денари наспроти остварениот финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 101,1 милиони денари , односно бележи зголемување од 98,5 милиони денари, или 97,4%, соопшти банката преку Македонската берза.
Нето приходите од камати на крајот од првиот квартал од 2018 година изнесуваат 289,5 милиони денари,споредено со остварените нето приходи од камати во истиот период минатата година од 290,1 милиони денари односно се намалени за 622 илјади денари или 0,2 %, во кој подеднаков придонес има намалувањето на каматните расходи како и намалувањето на каматните приходи.
Приходите од камати бележат намалување во најголем дел поради пазарниот притисокот на активните камати кај секторот компании како и пониските каматни приходи од пласманите во хартии од вредност поврзано со пониските каматни стапки и соодветно на тоа понизок обем.
Каматните трошоци бележат намалување за 3,7 милиони денари како резултат на прилагодувањето на каматните стапки на депозитите од компании и помалиот обем на користени странски кредитни линии.
Во анализираниот период, нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 70,3 милиони денари и бележат зголемување за 8,5 милиони денари, при што приходите од провизии се повисоки за 11,2 милиони денари со позитивен придонес на провизиите од платните системи, додека трошоците за провизии и надоместоци бележат раст за 2,7 милиони денари, што соодветно имаше влијание на вкупниот нето износ спореден со минатата година.
Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 28,6 милиони денари и се намалени за 2,3 милиони денари, или за 7,3 % во споредба со истиот период минатата година. Другите приходи изнесуваат 23,8 милиони денари и во најголем дел се однесуваат на реализираната капитална добивка од продажба на преземени средства, како и остварени приходи по основа наплатени претходно отпишани пласмани.
Во анализираниот период е остварено ослободување на исправката на вредноста на нефинансиските средства во износ од 8,4 милиони денари кое се однесува на депризнавање (искнижување) на ревалозирациската резерва при продажба на преземени средства.
Исправката на вредноста на финансиските средства на нето основа на крајот од првиот квартал на 2018 година изнесува 39,1 милиони денари и споредено со истиот период 2017 година бележи намалување од 84,2 милиони денари односно 68,2 %. Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари ‒ март изнесуваат 181,8 милиони денари и споредено со истиот период претходната година, се намалени за 8 милиони денари.
Трошоците за вработени се пониски за 0,7 %, трошоците за амортизација се повисоки за 7,6 %, додека останатите расходи од дејноста се пониски за 9,3% во најголем дел како резултат на намалување на премијата за осигурување на депозити поврзано со намалувањето на годишната стапка на премијата на осигурување во ноември 2017 г.